Еден од најстарите клубови од Данска, Ајакс од Копенхаген се наоѓа пред банкрот, а дел од играчите немаат добиено плата неколку месеци, пишува данскиот портал „ДР“.
Клубот, кој се натпреварува во Првата лига би можел наскоро да згасне, доколку раководството во рок од една недела не успее да собере 1,8 милиони дански круни, односно 242.000 евра.
Ајакс има рок до 20 септември да даде финансиски гаранции за клубот, а доколку не успее тоа да го направи, тогаш клубот ќе мора да стави клуч на вратата и да прогласи банкрот.
Управата на Ајакс во текот на следната недела ќе одржува секојдневни состаноци посветени на решавање на проблемот, но според данските медиуми ситуацијата во клубот ќе биде сѐ потешка и потешка.
Клубот од Данска во последните неколку месеци ниту им исплатувал плати на играчите, ниту го обезбедувал потребното осигурување, што инаку е услов во стандардниот договор на здружението на ракометари во Данска.
Поради тоа, пред извесен период челниците на клубот биле известени дека е покрената стечајна постапка од даночната агенција. Во следниот период би требало да се знаат повеќе детали околу судбината на прволигашот од Копенхаген.