Македонскиот шампион во женска конкуренција Ѓорче Петров продолжува да се засилува за новата натпреварувачка сезона, 2022/23, во која ќе ја брани освоената титула во домашниот шампионат и ќе се обиде да го освои Куп трофејот на Македонија.
Нова ракометарка во тимот на Симе Симовски е Златица Васевска, која игра на позиција лево крило. Васевска во редовите на македонскиот шампион ќе пристигне од Вардар и ќе биде втората ракометарка од вардаровиот табор која го засили составот на Ѓорче Петров по кружниот напаѓач Катерина Дамјаноска.
Претходно Ѓорче Петров се засили со Емилијана Ризоска од Феникс, Марија Јанкуловска од Пелистер, Теодора Дукоска од Чаир, Исидора Котевска од Деспина Прилеп и Јана Грковска од Металург. Договорот со клубот го продолжи Милица Николиќ.
Екипата на Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во групата Б заедно со Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи од регуларниот дел ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата.
Освен на домашна сцена, Ѓорче Петров ќе учествува и во Европа, односно во Европскиот Куп каде во второто коло ќе се соочи со исландскиот тим КА Пор.