Во првиот натпревар од третиот ракометен ден на јубилејниот 50-ти струшкиот турнир, домаќинот РК Струга беше поразен од грчкиот вицепрвак АЕК Атина со 15-30 (5-15). Со оваа победа АЕК Атина се вклучи во борбата за висок пласман и против Еурофарм Пелистер ќе се надева на билет за финалето на силниот турнир, домаќинот на турнирот за првата победа ќе се бори против Татран Прешов, утре од 19:15.
АЕК Атина со два погодока во низа го отвори дуелот, но Блажевски успеа да фати резултатски приклучок за својот тим со првиот погодок на натпреварот. Домаќинот Струга беше рамноправен противник до 15. минута, кога АЕК со два погодока на Стипе Мандалиќ ја најави низата голови која заврши во 25. минута при резултат 3-13. До крајот на првиот дел двете екипи постигнаа по два погодока, разликата остана непроменета, а на семафорот беше испишан резултатот 5-15.
На почетокот на вториот дел Струга заигра помотивирано, добрата одбрана и потезите на искусните Блажевски и Маркоски, а потоа и ударот од далечина на младиот Цветановски ја намалија предноста на противникот на „плус осум“ (15-7, 16-8). Во средината на второто полувреме се преслика сликата од првото, па грчкитe претставници повторно ја вратија контролата над резултатот и во 56. минута имаа предност од 27-12.
До крајот на дуелот кога веќе беа познати победниците натпреварот се доигра во фер и коректна атмосфера, а натпреварот заврши со резултат 15-30. По воведниот пораз од Татран Прешов, АЕК својата шанса во финалето ќе ја бара против Еурофарм Пелистер.
Најпрецизни кај домашниот состав беа Петар Маркоски и Бобан Блажевски со по три погодоци, додека Костоски и Ѓуровиќ постигнаа по два. Во победничкиот состав Живковиќ постигна 6 голови, Рогулски и Кедерис го следеа со по три.