Словенечкиот првак Целје по вторпат е дел од Струшкиот турнир, кој ова лето го има јубилејното 50.издание. Целје веќе еднаш славеше трофеј на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“, кога во 2018 година во финалето славеше против романската Констанца со 25-24.
Некогашниот репрезентативец на Србија, и екс ракометар на Вардар и Целје – Алем Тоскиќ од лани го води словенечкиот првак. Успеа да освои титула во Словенија, но тимот за следната сезона ќе биде уште повеќе подмладен и со нови лица од сопствената академија.
Целје на Струшкиот турнир е во група со Бутел, Вардар и Алкалоид. Тренерот на „пиварите“, Алем Тоскиќ изјави дека секоја екипа, која што учествува на овој турнир, со настапите во Струга подобро ќе се подготви за новата сезона, бидејќи на Струшкиот турнир играат квалитетни екипи, кои се докажани во европскиот ракомет.
,,Многу ми е мило што сум повторно во Македонија и во Струга. Јубилејното 50. издание на овој турнир за мене и за сите учесници е нешто посебно. Овој турнир е единствениот што се одржува на отворено и навистина има значење за секоја екипа и секоја екипа, која што доаѓа на овој турнир, подобро се подготвува за почетокот на новата сезона. Целје има искуство од играњето на Струшкиот турнир, но мојот тим, моментално, го нема тоа искуство, бидејќи се работи за навистина млада екипа. Можеби некои играчи имаат играно и сигурно знаат што значи играњето на овој турнир. Македонија е спортска нација и сигурно секој кој престојува во Струга ќе дојде да гледа ракомет”, изјави Тоскиќ.
За тренерот на Целје јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир е едно од најсилните во последно време.
,,Нашите очекувања за овој турнир е висок пласман, нашиот тим секогаш цели кон тоа. Учесниците се навистина квалитетни екипи. Вардар, кој е двократен европски шампион и има искуство од играњето во Лигата на шампионите, потоа Еурофарм Пелистер, тим со високи амбиции, АЕК Атина изминатата сезона во Лига на Европа покажа солидни резултати, секако и домашните учесници, Алкалоид, која е млада но амбициозна екипа, потоа Бутел, третопласиран клуб од домашниот шампионат. Мислам дека годинешното издание на Струшкиот турнир е еден од најквалитетните и најсилните во последните години”, заврши Тоскиќ.
Целје денес со почеток од 21:30 часот ќе го одигра првиот натпревар на Струшкиот турнир, а ривал на избраниците на Тоскиќ ќе биде екипата на Бутел Скопје.