Стручниот штаб на Вардар продолжува да се екипира, и сезонава тренер на голманите ќе биде Александар Рогановиќ. Тој лани веќе работеше како тренер на голмани кај „црвено-црните“, но поради приватни причини замина на крај од годината.
Вардар беше задоволен од неговата работа во клубот и повторно се договорија за соработка. Тој ќе работи со Борко Ристовски, Мартин Томовски и Васил Гогов, тројката со која и лани соработуваше во клубот. Црногорецот е веќе на тренинзите на клубот.
Рогановиќ зад себе има богата тренерска кариера, најмногу токму со голмани во различни клубови и репрезентации. Тој е дипломиран тренер на Универзитетот за спорт во Црна Гора, отсек ракомет. Од 1988 година работи како тренер, и по дипломирањето извесен период работи како тренер на сите голмани во репрезентацијата на СР Југославија, потоа Србија и Црна Гора и потоа во Црна Гора.
Во периодот од 2004 до 2006 беше дел од СП и ЕП во Словенија и Тунис. Потоа продолжува ра работи во Ловќен и како прв тренер станува шампион на Црна Гора во 2009 година. Следните две години работи како тренер на голмани во женската репрезентација на Црна Гора и на младинскиот тим на Будуќност.
Интернационална кариера кадвор од Европа гради во 2014 и 2015 година кога работи во ОАЕ, и му беше помошник на Веселин Вујовиќ во тимот на Ал Шабах во Дубаи. Следните две сезони продолжува во тимот на Ал Џезеира од Абу Даби каде работи како помошен тренер.
Во 2016 година се враќа во Црна Гора и со Ловќен е шампион на Црна Гора. Потоа до 2019 година работи во Копер (Словенија) и Железничар (Ниш) како помошник на Вујовиќ и тренер на голмани.