Македонскиот шампион Ѓорче Петров започна со формирањето на тимот за новата сезона, како и со продолжувањето на договорите со ракометарките, кои во изминатата сезона ја оправдаа довербата и ги остварија очекувањата на клубот.
Ѓорче Петров одлучи да ја продолжи соработката со левиот бек Милица Николиќ, која во тимот на Симе Симовски пристигна во пролетниот дел од изминатата сезона и беше една од најзаслужните за освојување на шампионската титула во домашното првенство.
Левиот бек потекнува од школата на Металург и ги мина сите младински категории на тимот од Автокоманда. Во својата кариера настапуваше и за екипата на Вардар. Николиќ на репрезентативно ниво играше за младинската селекција на Македонија, а неколку пати се најде и во сениорскиот состав на македонската репрезентација.
Екипата на Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во групата Б заедно со Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи од регуларниот дел ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата.
Ракометарките на Ѓорче Петров освен на домашна сцена ќе учествуваат и во Европа, односно во Европскиот Куп. Противник на македонскиот шампион во 2. коло од Европскиот Куп е составот на Ка Пор од Исланд.