Репрезентацијата на Србија на Европското младинско првенство во Португалија направи голем успех, го освои третото место, односно бронзениот медал. Србија на Европското младинско првенство беше предводена од ракометарот Стефан Додиќ, кој како играч се афирмираше токму во Македонија.
19-годишниот ракометар, кој може да остане во редовите на Вардар доколку добие дозвола од Келце, беше избран за МВП на Европското младинско првенство. Надежниот ракометар на Србија постигна 27 погодоци на шест одиграни натпревари и покажа дека пред него претстои светла иднина.
Додиќ во интервју за специјализираниот ракометен портал „Балкан-хендбол“ зборуваше за настапот во Португалија, за освоеното трето место, како и за времето минато во Македонија. Младиот ракометар во пролетниот дел од изминатата сезона го засили Вардар и со ,,црвено-црните“ ја освои дуплата круна во Македонија.
,,Во Вардар играв со одлични играчи и во овој клуб имав еден вистински професионален тренер во името на Давид Дејвис. Му благодарам многу за сѐ што направи за мене во тој период и во неколку разговори пред ЕП, тој ми рече дека морам да дадам 100% на секој тренинг и натпревар и да го имам победничкиот менталитет во себе”, изјави Додиќ.
Иако Додиќ е од Врање, својата кариера ја започна во екипата на Металург. Додиќ на почетокот на неговата кариера секојдневно патуваше од неговиот роден град, па сѐ до Автокоманда. Металург го препозна неговиот талент и со напорна работа го претвори во врвен спортист, спортист кој на 15 години стана најмладиот стрелец во историјата на Лигата на шампионите, а воедно и најмладиот играч кој настапувал во регионалната СЕХА лига со 15 години.
,,Кога ја добив наградата за МВП, во тој момент се сетив на оние денови кога на 13 години стигнав во редовите на Металург. Секој ден патував од Врање во Автокоманда, бидејќи го сакав тоа што го работам. Навистина минав еден одличен период во Македонија, среќен сум што започнав од Македонија, таму ракометот е спорт број еден и навистина Македонците живеат за спортот. Во Македонија научив да играм, да размислувам и таму определив во кој правец ќе се движи мојата кариера”, заврши Додиќ.