Репрезентацијата на Србија го освои бронзениот медал на Европското младинско првенство во Португалија, откако триумфираше во натпреварот за трето место против Шведска, со резултат 30:26 (17:12).
Избраниците на Ѓорѓе Теодоровиќ имаа добар старт, поведоа со 4:2 во воведниот дел, но репрезентацијата на Шведска со два гола во низа израмни на 4:4. Србија со погодоците на Матеја Додиќ, Станисављевиќ и Кос, направи серија од 3:0 и се одлепи на три гола разлика, 7:4, во 10 минута. Следуваше период, во кој и двете репрезентации влегоа во серија на технички грешки, па така немаше промена на резултатот.
Србија од 10 минута влезе во одлична серија и по водството кое го имаше од 7:5, за неколку минути игра дојде до предност од плус осум гола разлика, 13:5. Шведска цели десет минути беше без постигнат гол и со подобрата игра во последните минути од првото полувреме успеа да замине на пауза со резултатска негатива од 17:12.
Во второто полувреме, односно во првите десетина минути од вториот дел, дојде до голем пад во играта на српската репрезентација. Грешките на Србија речиси целосно беа искористени од страна на Шведска, која намали на 20:18. Водството на репрезентацијата на Србија во 40 минута беше 22:19.
Сепак, ракометарите на Шведска не успеаја да направат целосен пресврт и им дозволија на нивните врсници од Србија да го освојат третото место на младинскиот континентален собир.
Предводник во репрезентацијата на Србија беше Милош Кос со осум погодоци, по пет постигнаа Матеја Додиќ и Лука Роган, додека Стефан Додиќ трипати се запиша во листата на стрелци. Кај Шведска се истакна Јохан Ериксон со шест погодоци од исто толку обиди.