Поранешна ракометарка на Вардар ќе работи како спортски агент

Поранешната ракометарка на Вардар, Сираба Дембеле се наоѓа на залезот на својата кариера, која беше проследена со успеси. Дембеле, моментално, настапува за романскиот вицепрвак ЧСМ Букурешт и во клубот од романската престолнина ќе остане уште една сезона со амбиција да ја освои Лигата на шампионите.

Поранешниот капитен на Франција за официјалната страна на француската ракометна федерација изјави дека по завршувањето на својата кариера ќе работи како спортски агент. Екс ракометарката на Вардар планира целосно да се посвети на оваа работа, откако пред извесен период се стекна со лиценца.

,,Минатата година бев во момент од мојата кариера кога се прашував за моето образование. Не донесов цврста одлука за мојата иднина. Едно лице ми понуди да работам во веќе формирана компанија, како агент за играчи. По овој предлог, се распрашав и сфатив дека е потребна лиценца за вршење на работата како спортски агент. Оваа работа е многу возбудлива и затоа морав да ја добијам лиценцата, бидејќи професијата спортски агент е високо регулирана во Франција”, изјави Дембеле за францускиот „Hand News“.

Искусната ракометарка во својата кариера настапуваше и за екипите на Тулон, Ростон Дон, Рандерс и Париз, а „црвено-црниот“ дрес го носеше три сезони, 2013/14, 2014/15 и 2015/16. Беше член на репрезентацијата на Франција од 2006 до 2021 година.