Машката репрезентација на Македонија загуби од Србија со 34-29 во битката за бронзата на Медитеранските игри во Алжир. Нашите момците одиграа добро во првиот дел, имаа поголем дел од полувремето контрола на играта, но во вториот дел Србите го скршија отпорот и успеаја да слават убедливо на крајот.
До 4-4 се играше гол за гол пред десните крила Костески и Петковски да донесат плус два за Македонија, 6-4. По одбраната на Гогов, преку Петар Атанасијевиќ зголемивме на плус три, 8-5, а неколку шанси беа пропуштени да биде зголемена предноста. По 10-7 за нашата репрезентација, Србите ги казија сите наши грешки и израмнија на 10-10. Во еден момент, Македонија остана со тројца играчи во поле поради икслучувањата на Митев, Јагуриновски и Павле Атанасијевиќ.
Србија направи пресврт, го врати водството на своја страна, 11-12, но Џонов погоди за реми, 12-12, иако имавме двајца играчи помалку на терен. Истиот играч искористи едно невнимание на Србите и погоди за 13-13. Десниот бек што во Нант играше со Лазаров, Милан Милиќ, погоди два пати по ред за 13-15, а потоа нашите ракометари уште еднаш промашија во нападот. Гогов одбрани еден зицер на Поповиќ, но Македонија не погоди и со резултат 13-15 се замина на пауза.
На стартот на вториот дел погодуваа Стојковиќ и Павле Атанасијевиќ, па беше 17-18. Две наши грешки беа казнети од Србија и преку Воркапиќ нашиот ривал стигна до плус три 17-20. Во продолжение немавме премногу идеја во нападите, а противничките ракометари лесно наоѓаа простор во нашата зона, па Србија се одлепи и на пет гола разлика, 19-24.
Јагуриновски намали на 20-24, но во меѓувреме дојде до израз подолгата клупа на ривалот и Србија отиде и на плус седум, 23-30. Нашите ракометари погодија три пати во серија за 26-30, имаа шанса уште повеќе да намалат, но Јандриќ на два пати одбрани. До крајот немаше дилеми околу победникот и Србија рутински го приведе мечот до крај.
Најдобар стрелец во македонската репрезентација беше Костадин Петров со пет гола, а четири даде Петар Атанасијевиќ. По три погодоци зад своето име запишаа Петковски, Јагуриновски, Стојковиќ и Серафимов.