Репрезентацијата на Србија утре против Македонија ќе игра за бронзениот медал на Медитеранските игри во Алжир.
Србија во полуфиналето беше поразена од Шпанија со четири гола разлика, 42:38, но во најголемиот дел од натпреварот, ракометарите на Србија беа рамноправни против „црвената фурија“, а на моменти имаа и резултатска предност.
Еден од носителите на играта во составот на Србија, Милан Милиќ по натпреварот со Шпанија имаше свое видување за полуфиналниот дуел, во кој можеа да победат и да стигнат до финале. Младиот ракометар се надева дека со неговите репрезентативни колеги ќе одиграат на високо ниво против избраниците на Кире Лазаров.
,,Ова беше еден од најтешките натпревари на турнирот. Знаевме кој ни е противник, репрезентацијата на Шпанија, комплетен тим. Се боревме од првата до последната минута. Одигравме добро првите 20, 25 минути во првото полувреме, а потоа имавме пад на крајот. Недостатокот на искуство и заморот си го направи своето и ракометарите на Шпанија успеаја да ја анулираат предноста што ја имавме. Во вториот дел од играта бевме рамноправни во воведните минути, а потоа лесно се одлепија на пет гола разлика и бевме во негатива до крајот. Навистина им честитам на сите момци, одигравме многу зрела, „машка“ игра и верувам дека ако успееме да ја повториме играта против Македонија в среда, нема да има никаков проблем за бронзениот медал”, изјави Милиќ за официјалната страна на ракометниот сојуз на Србија.
Натпреварот за трето место меѓу Србија и Македонија ќе се одигра со почеток од 12:30 часот. Репрезентациите на Египет и Шпанија, кои ќе се борат за освојување на златниот медал, ќе играат во терминот од 17:30 часот.