Унгарскиот шампион ПИК Сегед имаше успешна сезона бидејќи успеа да ја одбрани шампионската титула во националниот шампионат, но од следното лето може да остане без главниот тренер, како и без неколку ракометари, кои што играат важна улога во тимот на Хуан Карлос Пастор.
Во клубот од Сегед, следното лето на седум ракометари им завршуваат договорите. Станува збор за репрезентативците на Норвешка, десниот бек Кент Робин Тонесен и левото крило, Александре Блонц, потоа ракометарите кои ја сочинуваат десната крилна позиција, репрезентативецот на Србија, Богдан Радивојевиќ и словенечкиот ракометар, Марио Шоштариќ, голманот од Хрватска, Мирко Алиловиќ, кружниот напаѓач, Миклош Роста и левото крило на австриската репрезентација, Себастијан Фримел.
Освен на споменатите ракометари, договорот следната сезона му завршува и на предводникот на ПИК Сегед, Хуан Карлос Пастор. Шпанскиот тренер во јуни, 2021 година, ја продолжи соработката со унгарскиот шампион на уште две сезони, а кормилото на ПИК Сегед го предводи од 2013 година.
Лука Степанчиќ, Матеј Габер, Деан Бомбач, Борут Мачковшек, Мигер Мартинес, Роланд Миклер и Иманол Гарсијандија со ПИК Сегед имаат договори до 2024, додека Бенце Банхиди, Золтан Сита и Ричарт Бодо имаат активни договори до јуни, 2025.