Минатиот петок на состанокот на Извршниот Комитет на Европската ракометна федерација била донесена одлука македонскиот шампион Вардар да не добие место во Лигата на шампионите.
Претседателот на „црвено-црниот“ клуб, Михајло Михајловски, вели дека европската куќа на ракометот се уште нема доставено официјална одлука за најавеното одземање на местото во ЛШ.
„Не е доставена одлука, во петокот во попладневните часови е донесен предлог заклучок Вардар да не игра во Лигата на шампионите. Имав состанок со господинот Видерер, претседателот на ЕХФ, во неделата и тие стојат на тој став дека Вардар нема да игра. Меѓутоа нивните објаснувања и образложенија се многу погрешни и се на стаклени нозе бидејќи немаат никаквни аргуметни за одлуката која сакаат да ја донесат. Ние уште утре со нашиот адвокатски тим ќе упатиме приговор на предлогот и нивните заклучоци. ЕХФ ќе даде образложение за тоа и нормално и за тоа ќе приговориме“, вели Михајловски за 24Ракомет.
Од ЕХФ тврдат дека Вардар доцнел со плаќањата, но Михајловски открива дека и од Виена му должат пари на македонскиот шампион.
„Основната поента е што сме доцнеле со плаќањата, па и тие му должат на Вардар. Исто така тврдат дека и покрај тоа што ќе ги платиме овие 300.000 евра кои се депозит лани од август. Тие пари се доколку има судска арбитража или судска одлука во Скопје, а ги нема ниту едното ниту другото. ЕХФ и покрај тоа вели вие должите, но тоа некој го кажал, тоа е „рекла-казала“ и треба да се докаже. Јас бев многу јасен, ако има започнато арбитража ние ќе се повикаме на тоа. Во Македонија нема постапки, на основа на што ЕХФ сака да донесе одлука. Оваа одлука не е издржана, во консултација со правници треба да ни биде образложена оваа одлука“, продолжува Михајловски.
Тој вели дека ваквата најава била како „гром од ведро небо“, бидејќи ништо претходно не укажувало на ваков развој на настаните и Вардар бил уредно пријавен од РФМ во ЕХФ.
„До сега немало ништо проблематично, федерацијата уредно не пријави, ни ги побараа потребните документи и немаше никакво навестувње дека може ова да се случи. Во петокот уште пред да ја знам одлуката му пишав на Видерер да се видиме и прифати да се видиме. Ова беше како гром од ведро небо“, продолжи Михајловски.
Претседателот на Вардар уверува дека ќе оди до крај.
„Јас не се помирувам со оваа одлука, ќе ги исцрпеме сите наши можности Вардар идната година да игра во Лигата на шампионите. ЕХФ смета дека нема шанси да се промени оваа одлука, но јас сметам дека може. ЕХФ во текот на неделата треба да ги одреди екипите кои ќе играат во ЛШ заради ждрепката. Потоа ќе биде доцна, дури и додека добиеме на суд ќе биде доцна бидејќи ќе пропадне годината. Засега ситиуацијата е таква, но во текот на неделата треба да се разјасни и потоа ќе видме што ќе се случува со сите во клубот“, заврши Михајловски.
ЕХФ деновиве треба да излезе со својот став за ситуацијата во која се најде македонскиот шампион.
Поради стари долгови кон играчите: ЕХФ го исклучи Вардар од Лигата на шампионите!