Денеска во просториите на Ракометната федерација на Македонија беше извршена ждрепката за суперлигашките групи за следната сезона. Во групата А покрај шампионот Вардар ќе играат Бутел Скопје, подновениот Охрид, потоа Струга и Прилеп, како и новите суперлигаши Алкалоид, Вардар Неготино и Куманово.
Според распоредот, во првото коло Охрид ќе гостува кај Бутел Скопје, шампионот Вардар оди во Неготино, Прилеп игра со новиот суперлигаш, додека Струга исто така ќе се соочи со нов суперлигаш, Куманово.
Натпреварите во првиот дел од сезоната ќе се играат по двокружен систем (секој со секого по еднаш дома и во гости), и ќе се играат 14 кола. По завршување на 14 кола од регуларниот дел ќе се разигрува за титулата во плејофот, и тоа првите четири екипи од двете групи. Екипите од 5 до 8 место од двете групи во регуларниот дел ќе разигруваат за опстанок.
Регуларниот дел од сезоната треба да почне на 3/4 септември, а да заврши на 17/18 декември. Плеј-офот и плеј-аутот треба да почнат на 18 февруари 2023, а сезоната да заврши на 28 мај 2023 година.
Во плеј-офот и плеј-аутот се пренесуваат и бодови врз основа на освоеното место во регуларниот дел од сезоната. Првата екипа пренесува 3 бода, втората – 2, третата – 1 и четвртата екипа стартува без бодови.