Раководството на Црвена Звезда откако го продолжи договорот со поранешниот тренер на Пелистер, Ратко Ѓурковиќ, за следната сезона планира амбициозен тим. Главната цел на екипата ќе биде освојување на првото место и излез на европска сцена.
Клубот веќе почна да работи на изградба на новиот тим и ги ангажираше првите две засилувања. Станува збор за кружниот напаѓач, Бранко Канкараш, кој во сезона 2020/21 настапуваше за Металург и десниот бек од Израел, Ротем Сегал.
Двајцата споменати ракометари во Црвена Звезда ќе пристигнат од Макаби Ришон Ле Зион. Обидите за ангажирање на некогашниот ракометар на Вардар, Стефан Терзиќ, не вродиле со плод, но српскиот клуб не се откажува од своите намери и преговара со уште неколку звучни имиња.
Според информациите на српскиот портал „Моцарт Спорт“, двајцата поранешни ракометари на Вардар, близнаците Кевин и Оливие Њокас, кои во Македонија прво пристигнаа во Металург, па поради финансиската ситуација во тимот од Автокоманда, се преселија во Вардар, би можеле да ги засилат редовите на поранешниот српски шампион.
Црвена Звезда има сезона за заборав бидејќи клубот не успеа да обезбеди настап во плеј-оф фазата во српскиот шампионат, но лошиот настап во регуларниот дел го поправи со одлични партии во плеј-аут фазата освојувајќи го првото место, кое и донесе опстанок за следната сезона.