Ракометарите на Радовиш остварија победа на домашен терен против екипата на Прилеп во 10. коло од плеј-аутот во Супер лигата со 25:23 и обезбедија опстанок во најдоброто друштво избегнувајќи го баражот.
Радовиш имаше добар старт на мечот, отвори со 3:0 а многу брзо потоа и 6:1. Прилеп вториот гол го постигна во 11. и се обидуваше да се врати во игра. Но домаќините одржуваа предност а стигнаа и до шест гола, 10:4. Сепак на полувреме Радовиш имаше само два гола водство 14:12.
Вториот дел домашниот тим повторно го отвори со 3:0, но Прилеп одговори со четири последователни гола и одново беше на минус еден. До крај на мечот се играше израмнето но Радовиш постојано имаше водство кое го сочува до крај за победа која значи задржување на суперлигашкиот статус.
Најефикасен во победничкиот тим на Радовиш беше Здравко Постолов со 10 гола, додека втор стрелец беше Кристијан Ристов со пет погодоци. Во составот на Прилеп најрасположени беа Чантурија со осум гола и Трајковски со седум.