Ракометарите на Келце имаа одлично издание на гостувањето кај Монпелје во првиот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите и забележаа победа од 28:31 со која се на добар пат да обезбедат пласман на фајнал-форот во Келн.
Уште во воведните минути Келце ја имаше контролата на резултатот, а гостите први дојдоа до позначителна предност кога Душебаев и Каралек погодија за 7:10. Следуваше обид на Монпелје веднаш да се врати, за моменти дојда на минус еден но не за долго.
Во последните десет минути од првиот дел Келце со добра игра обезбеди водство од 12:16, највисоко до тој момент на натпреварот. Во продолжение Монпелје полека ја намалуваше негативата, а еден од најзаслужните беше Марин Шего кој имаше одлични интервенции.
Домашниот тим се сосема се врати во игра во 42. минута кога Паниќ и Валиниус погодија за само гол негатива, 21:22. Сепак ракометарите на Талант Душебаев не дозволија целосен пресврт и до крај на натпреварот ја сочуваа предноста за конечен триумф и се во поволна позиција пред реваншот.
Уго Деска со пет гола беше најефикасен за Монпелје, додека по четири постигнаа Виемино и Валиниус. Марин Шего беше одличен на голот со 14 одбарни. Во составот на Келце најпрецизен беше Алекс Душебаев со седум гола, а пет постигна Каралек.