Ракометарите на Вардар утре ја стартуваат битката за одбрана на титулата во Купот, а противник во полуфиналето на избраниците на Давид Дејвис ќе биде вториот тим на Еурофарм Пелистер, кој во регуларниот дел од домашното првенство беше единствениот тим кој успеа да го победи Вардар.
Тренерот на Вардар, Давид Дејвис, очекува дисциплинирана игра на неговите ракометари и пласман во финалето од Ф4 во Купот, но и одбрана на титулата, без разлика кој ќе биде противник во финалето.
,,Имаме ист притисок како и во натпреварите во лигата. Вардар секогаш победувал и играл на победа. Ние го сакаме и трофејот од купот, подготвени сме. Одбрана секој ден играме добро, и тренираме напорно. Купот е друго натпреварување, нема поправен. Има само еден натпревар и треба да се биде максимално спремен.Имавме цела недела за тренирање. Игравме веќе со Еурофарм Пелистер 2, но добро е што можеме и да продолжиме да тренираме пред овие натпревари и да подобриме нешто во играта. Играње на неутрален терен секако е поразлично. Не секогаш во Купот победува тој што е фаворит. Затоа и треба да се биде внимателен, концентриран.. Сакам да играме финале во недела, не е важно против кого ќе играме“, изјави Дејвис.
Полуфиналниот натпревар меѓу екипите на Вардар и Еурофарм Пелистер 2 ќе се одигра утре, со почеток од 17 часот, во спортската сала ,,Јасмин”, која е домаќин на завршницата од годинешниот Куп во машка и женска конкуренција. Второто полуфинале го сочинуваат првиот тим на Еурофарм Пелистер и Бутел.