Во првото полуфинале од младинската лига во женска конкуренција, актуелниот младински шампион, Куманово, кој е организатор на Ф4 турнирот, успеа да триумфира против екипата на Вардар, со резултат 27:26. Победничкиот гол за Куманово го постигна Амела Џамкиќ од слободен удар.
Вардарки во текот на првото полувреме ја диктираа играта не терен и беа подобриот противник, кој константно беше во водство. Ракометарките на Куманово на моменти успеваа да дојдат до израмнување на резултатот, но немаа доволно сили за комплетен пресврт во првиот дел.
По водството на Вардар од 9:10, домаќинките во завршниот дел од првото полувреме имаа голем пад во играта. Тоа го искористија гостинките од Скопје, кои со серија од 4:0 се одлепија на 10:14. По 30. минути игра резултатот беше 13:15 во корист за Вардар.
На почетокот на второто полувреме, домашниот состав намали на минус еден гол негатива, 14:15. Вардар во следните дваесетина минути, односно до 50. минута имаше капитал од два до три гола разлика. Куманово на три минути пред финишот го израмни резултатот на 26:26. Ракометарките на Драгана Ристова не реализираа во својот последен напад за водство, па така во инфракт-завршницата, Амела Џамкиќ со гол од слободен удар по итекот на регуларниот дел му донесе победа на својот тим од 27:26.
Во второто полуфинале ќе се сретнат Металург и Чаир со почеток во 12:30 часот, а мечот за третото место и финалето се играат вечерва.