Машката сениорска репрезентација вечерва го игра првиот натпрвар против Чешка за пласман на Светското првенство во Полска и Шведска.
Еден од поискусните ракометари во нашата селекција е пивотменот Никола Маркоски, кој вели дека се ќе се решава во Скопје.
„Ќе бидат многу тешки два натпревари, мора да извлечеме добар резултат на гости ако сакаме да имаме добри шанси за пласман. Ние секако одиме на две победи, но мислам дека се ќе се решава во недела“, вели Маркоски.
Тој смета дека најголемата опасност ќе доаѓа од средниот бек Томаш Бабак.
„Чешка е квалитетна репрезентација, сите ракометари се квалитетни, но мислам дека најголемата опасност доаѓа од средниот бек Бабак, кој може да ни направи многу проблеми. Правевме видео анализи и знаеме каде би можеле да ја бараме нашата шанса. За да излеземе како победници мораме да бидеме добри и во одбрана и во напад“, заврши Маркоски.
Реванш средбата меѓу Македонија и Чешка се игра во Скопје на 17 април од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.