Ракометарите на Голден Арт на свој терен неочекувано беа убедливо поразени од Алкалоид со 35:29 во дерби натпреварот во рамки од 17.коло во Првата лига.
Екипата на Алкалоид го задржа лидерското место во Групата Б и во плеј-оф фазата ќе пренесе повеќе бодови од другите екипи.
Тренерот на Голден Арт, Никола Матлиески, како причина за поразот ги истакнува последните десет минути од првото полувреме, во кои неговите избраници немаа решение како да ги запрат расположените ракометари на Алкалоид.
„Мислам дека пресудно за ваквиот пораз беа последните десет минути од првото полувреме, каде што не успеавме да најдеме решение за нивната одбрана, која беше одлична. Во нападот целосно потфрливме, примивме лесни погодоци и мислам дека тука се реши натпреварот. Во второто полувреме се обидовме да се вратиме, моите избраници се обидоа да заиграат поангажирано, до некаде успеавме да одиграме сето она што го договоривме по првото полувреме. Мислам дека сликата од последните десет минути од првото полувреме не е нашето право светло. Секако, може да одиграме подобро бидејќи има простор за голем напредок“, изјави Матлиески за 24 Ракомет.
Од составот на Голден Арт само пет ракометари се запишаа во листата на стрелци против Алкалоид. Убедливо најдобри беа Глигор Гајиќ со девет и Ивица Илиев со осум погодоци. Сепак, тешкиот пораз од Алкалоид нема да ги сруши големите амбиции на Голден Арт.
„Во вакви тешки натпревари товарот го носат неколку играчи, но должината на клупата можеби влијаеше на тоа. Се обидовме да најдеме некое решение во второто полувреме, но не успеавме. Алкалоид заслужено победи на овој натпревар. Ова беше само еден лош ден за нашиот клуб. И покрај поразот, амбициите остануваат исти, а тоа се камбек во Суперлигата“, заврши Матлиески за 24 Ракомет.
Во последното коло од регуларниот дел од Првата лига, Голден Арт ќе се соочи со Куманово.
Дебитантот ракометно го преслуша и „наполни“ голот на Голден Арт