Ракометарите на Еурофарм Пелистер со рутинска победа започнаа во плеј-оф фазата од домашното првенство, 30-25 против Тиквеш, иако гостите до 25 минута беа рамноправни и се држеа против фаворитот на средбата. Битолчани играа без неколку ракометари, меѓу кои и без Јосип Периќ, но затоа го имаа расположениот Реинер Табоада кој постигна седум голови.
Натпреварот го отвори домашниот состав со голот на Граџан за 1:0, а потоа гостинскиот тим од Кавадарци преку Дрогришки израмни на 1:1. Скоро 25. минути се играше во егал, но Еурофарм Пелистер во последните минути од првото полувреме конечно го скрши отпорот на противникот.
Тиквеш не се предаваше и се обиде со сите сили максимално да му парира на поискусниот тим во денешниот натпревар. Во 20. минута, Дрогришки со својот четврти гол го израмни резултатот на 11:11. Во завршниот дел од првите 30. минута, Еурофарм Пелистер направи серија од 4:0 и на пауза замина со активен резултат од 15:11.

Во второто полувреме веќе стана јасно дека бодовите ќе останат во Битола. Тиквеш чекор по чекор го губеше натпреварот. Еурофарм Пелистер започна сериозно да се одлепува, поведе со 18:12, и предноста од шест гола беше сосема доволна „фармацевтите“ да имаат мирна завршница.

Водството на домашната екипа драстично се зголемуваше, достигна и осум гола разлика, 28:20. Екипата на Тиквеш ја преполови негативната разлика и успеа од Битола да си замине со поблаг пораз.
|
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕРТИКВЕШ 2014
4 март 2022
30 - 25
Крај
|
Место
Спортска сала „Боро Чурлевски“ |