Охрид имаше шанса да го почне плејфот во Супер лигата со големо изненадување, бидејќи до самиот крај имаше активен резултат против шампионот Вардар. Последните неколку минути го решија победникот, па домашните ракометари остварија тешка победа, 28-26. Гостите од Охрид најавија дека ќе бидат тежок ривал за сите, особено за оние што ќе ги потценат.
Тренерот на гостите, Радослав Стојановиќ по натпреварот беше задоволен од она што го прикажаа неговите момци и очекува неговиот тим и во следните натпревари да прикажува квалитет. Оптимист е и верува дека тимот ќе игра забележителна улога во разигрувањето од првенството.
„Еден добар квалитетен натпревар можеше да се забележи дека Вардар не е комплетен. Им честитам на дечките, покажаа дека тоа второ полувреме со Еурофарм Пелистер 2 беше само лош ден. Денес покажавме дека сме квалитетни, дека сме заслужено во плеј-оф. Сепак, верувам дека допрва доаѓаат добри натпревари и победи од наша страна“.
Важеа црвено-црните за фаворити на оваа средба, а Стојановиќ смета дека Вардар можеби и ги потценил.
„Ние не дојдовме да се браниме, дојдовме да се надигруваме и да се прикажеме во најдобро светло. Вардар можеби малку не потцени. Плеј-офот е долг сега ќе има кратка пауза, ќе се бориме за излез во Европа, па ќе видиме“, ни изјави Стојановиќ.
Во следното второ коло од Супер лигата, на 27 февруари Вардар е домаќин на Еурофарм Пелистер, а Охрид е домаќин на Бутел.