Супер Вардар во Франција, има плус четири на одмор против Монпелје

Ракометарите на Вардар имаат одличен резултат после првите 30 минути против Монпелје и водат со 14:10 откако од почетокот на средбата до паузата имаа контрола на играта и на резултатот.

Средбата тргна со одбрана на Томовски и веднаш потоа со гол на Оливие Њокас. Вардар брзо дојде до плус два гола и имаше 3:1 во 4. минута од натпреварот. Ракометарите на Монпелје останаа во игра и израмнија на 3:3, но брзо беше одново плус два гола за Вардар бидејќи Томовски бранеше одлично, а во нападот се користеа шансите за гол.

Иако Монпелје одговори со 3:0 и првпат во 13. минута дојде до водство од 6:5 вардарци набрзина го вратија водството. При 7:7 во 17. минута следуваше и серија од 4:0 и четири минути подоцна беше обезбедена највисоката предност во првиот дел од плус четири со 11:7.

Монпелје не се откажуваше и продолжи да бара начин како да дојде до помала негатива на крајот од првиот дел, но одбраната на Вардар беше добра, а и Томовски бранеше на високо ниво. Во нападот имаше доста комбинаторика и лесно се наоѓаше патот до голот на противникот, па на одмор се замина со плус четири и водство од 14:10.

После првите 30 минути голманот Мартин Томовски има осум одбрани, а по два гола имаат Дибиров, Георгиевски и браќата Њокас. По еднаш прецизни беа Моралес, Карапалевски, Дијало, Тото, Талески и Валчак. Во Монпелје голманот Болцингер има шест интервенции, а Деска има три погодоци.