Францускиот интернационалец Жереми Тото е еден од главните ракометари во ростерот на македонскиот првак Вардар сезонава. Пивотменот добива задачи во двата правци, па покрај тоа што е еден од дефанзивните столбови, истовремено е и втор најдобар стрелец во „црвено-црните“ редови во Лигата на шампионите со 33 гола. Тото делуваше дека одлично се адаптира во Вардар со кој потпиша договор на „една плус една“ година, но по само неколку месеци во Скопје, Нант го претстави како засилување за следната сезона. Французинот во викенд-интервјуто за 24ракомет ги објасни причините за таквата одлука, но и тоа каква промена Давид Дејвис донесе во екипата, како и погледите кои ги има сега за вториот дел од сезоната.
Интересно е дека Тото потекнува од Гвадалупе (прекуморски регион на Франција), а роден е во Курбевоа, предградие на Париз. Џудо е неговата прва љубов, спорт со кој се занимава седум години, но престанува пред да стигне до црн појас. Преминува во ракомет како дел од училишниот тим, на 14 години, и две години ќе посетува и Спортска академија каде учат најдобрите млади спортисти од Париз. Игра во неколку помали клубови во Париз пред да го потпише првиот професионален договор со Кретеј на 18 ипол години. Интересно е дека на почетокот е лев бек и дека ја делел позицијата со актуелниот соиграч Оливие Њокас, но една година пред да стане професионалец, тренерот одлучил да го смести на линијата – каде е и денеска.
Во Кретеј се развива како играч, тука се запознава и со Борко Ристовски, потоа уште две сезони се надоградува во Ст. Рафаел, за минатата сезона да се проба на интернационалната сцена, дел е од полски Висла Плоцк со кој ќе игра на Ф4 во Европската лига. Не е среќен во Плоцк – со минутажата, со шансата која ја добива од тренерот и кога доаѓа понудата од Вардар, клуб со кој има шанса за првпат да заигра во Лигата на шампионите во кариерата, ја прифаќа без двоумење.
„Една од причините поради кои потпишав за Вардар е тоа што клубот игра во Лигата на шампионите, што е прво такво искуство за мене во кариерата. Бев во Келн на двата Ф4 кога Вардар ја освои титулата и за мене тоа беше фасцинантно, па затоа не се двоумев да потпишам. Исто така сакам да пробам нешто ново, да се развивам како играч. Во Висла Плоцк не бев среќен. Да, стигнавме на Ф4 во Европската лига лани, убаво искуство, но сезоната беше тешка за мене. Не играв многу, ја немав довербата од тренерот, а како млад играч потребна ми е минутажа за да напредувам, да се докажувам, а не да седам на клупа. Ја прифатив можноста да играм за Вардар и навистина сум среќен тука“, потенцира Тото.
ЕКС-ВАРДАРКИТЕ СО ГОЛЕМИ ЗБОРОВИ ЗА КЛУБОТ И СКОПЈЕ
Пикерот беше соиграч со Борко Ристовски во Кретеј, но голманот не е „врската“ која ќе го донесе во Скопје. Жереми вели дека слушнал само добри зборови за клубот и градот од француските репрезентативки кои беа дел од шампионскиот ЖРК Вардар.
„Со Борко играв во Кретеј пред шест-седум години, но не побарав совет од него пред да потпишам за Вардар. Разменивме неколку пораки на социјалните мрежи пред да дојдам и тој беше среќен што повторно ќе бидеме соиграчи. Трансферот се случи преку менаџерот, а добрите препораки ги добив преку француската репрезентативка Заади. Таа е пријателка со Дембеле, Лејно, Лакрабер – кои играа во ЖРК Вардар и ми потврди дека искуствата и препораките од нив се одлични и за градот и за клубот и за условите. Ми рече директно – ‘Да, прифати ја понудата!’ Верував и дека тоа ќе биде добар предизвик за мене.“
ВО СКОПЈЕ СЕ ОБЕДИНИВ СО СТАРИТЕ ПРИЈАТЕЛИ
Момент кој дополнително го прави среќен Тото во Скопје е што има можност да игра заедно со Оливие и Кевин Њокас, како и со Диало Бакари, кои му се стари пријатели од времето кога заедно го носат дресот на Кретеј.
„Со браќата Њокас се знам одлично и ми се многу добри пријатели, блиски сме и фамилијарно и прво се радував поради тоа што ќе играме заедно во Скопје – тие во Металург, јас во Вардар. По еден месец ми се јавија и ми рекоа имаме добри вести за тебе – ќе играме заедно во Вардар и кога дојдоа на првиот тренинг бев пресреќен, не ми се веруваше дека ќе играм со моите добри пријатели. Истото се однесува и за Бакари, и со него бев соиграч во Кретеј, и навистина ме радува тоа што се обединивме во Вардар.“
МИХАЈЛОВСКИ БАРАШЕ ДА ЧЕКАМ, А ЈАС ИМАВ ПОНУДИ КОИ НЕ СЕ ПРОПУШТАА
Велиш дека си среќен во Скопје и во Вардар, но одлучи да си заминеш од клубот по само една сезона. По само неколку месеци во „црвено-црниот“ дрес потпиша договор со француски Нант на три години, зошто?
„Вистина е дека сакав да останав во Вардар две сезони, а потоа го направивме договорот ‘година плус година’. По само три-четири месеци во Вардар, зборував со менаџерот, кој ми кажа дека имам многу сериозни понуди – Нант, ПСЖ и други француски клубови, потоа од Германија, но сакав прво да видам што ќе понуди Вардар. Неколкупати се обидов да се видам со претседателот Михајло Михајловски, имавме и состанок на кој му кажав како стојат работите и дека сакам да му дадам прво шанса на Вардар, односно да видам што има тој да ми понуди или предложи. Неговиот став беше дека е уште рано, да почекам до декември, но имав и многу добри опции кои не сакав да ги пропуштам. Со оглед на тоа дека од Вардар не добив конкретна понуда, донесов одлука и потпишав за Нант“, објаснува францускиот интернационалец и додава: „Не станува збор за парите, затоа што кога ќе се одземат даноците во Нант ќе ја земам скоро истата плата како во Вардар. Станува збор за мојата иднина. Приватно – сакам да основам фамилија, да имам деца, а во Нант ми е враќање дома. Нант е еден од најдобрите клубови во Франција и верувам дека таму ќе можам да напредувам исто така. Во моментов се втори во француското првенство и верувам дека ќе играме ЛШ следната сезона.“
Тото, не пропушта да потенцира дека потписот со Нант сменил нешто кај него.
„Без разлика на сè, јас сум играч на Вардар до крајот на сезоната и комплетно сум фокусиран на тоа да одиграм најдобро што можам и да му помогнам на тимот да ги постигнеме поставените цели, па ако можеме и повеќе од тоа.“
ВУЈО НИ ДАВАШЕ СЛОБОДА, СО ДЕЈВИС ИМАМЕ СИСТЕМ
Вардар првиот дел од сезоната го мина со Веселин Вујовиќ на клупата, додека сега го има Давид Дејвис за главен стратег. Французинот во минатото имал едно скромно искуство со балкански тренери (кусо соработувал со Драган Зовко во Франција), додека шпанскиот систем му е одлично познат од ланската сезона во Висла Плоцк. Тото направи убава споредба на двата тренери.
„Во првиот дел од сезоната со Веселин Вујович тоа беше прво мое посериозно искуство со балкански тренер. Имавме многу слобода во играта и повеќе се потпиравме на индивидуалните можности и карактерот. На почетокот ги изненадивме сите! Јас и Бакари не бевме познати за клубовите во Лигата на шампионите, браќата Њокас првпат играат заедно во Европа и мислам дека тоа ни го донесе успехот на почетокот на сезоната. Но, по три-четири натпревари се виде дека ако немаш систем и тактика не можеш да играш. Последниот меч со Загреб можеби беше најдобар показател, беше катастрофа. Верувајте ни на нас ни беше најтешко! Знаеме дека сме добра екипа и дека имаме квалитет, но едноставно не функциониравме како целина. А ако го немаш тоа, ако не си тим, нема резултат. Сега со Давид Дејвис е поинаку. Многу научив од него за само еден месец, тој е одличен тренер. Начинот на кој размислува, како ти ги пренесува работите и не прави разлика меѓу млади и искусни играчи, на ист начин разговара со сите. Среќен сум кога одам на тренинг затоа што знам дека секој ден учам нешто ново. Претходно беше борба за да си ја работам работата, знаев што да очекувам од тренингот. Знаев дека имам главна улога во одбраната и дека јас и Бакари ги водиме работите и тоа беше добро месец-два, но по некое време ти треба некој да те води. Сега го имаме тоа, затоа што во системот на Давид, ако некој направи грешка, точно се знае кој ја направил таа грешка. И во напад и во одбрана.“
„Да не бидам погрешно сфатен, за Вујо не можам да кажам ништо лошо, затоа што тој ме донесе во Скопје. Ме контактираше преку менаџерот и преку мој добар пријател, на кој претходно му беше тренер. Неговата цел за мене беше од Вардар да стигнам до националниот тим на Франција. Она што сакам да го потенцирам е дека Вујо и Давид имаат различен пристап на работа. Вујо не учеше на работите со его, со темперамент и сила. Факт е дека сега ракометот е различен од порано, бара видео анализи, тактики, повеќе се игра со мозок помалку со сила. Можеби и тоа имаше влијание врз мојата одлука. Да бидам искрен ако Дејвис беше тука од почетокот на сезоната, можеби немаше да донесам толку рано одлука да потпишам за Нант.“
ИМАМЕ ГОЛЕМИ НАДЕЖИ, ВЕРУВАМ ДЕКА ТОП-16 Е ДОСТИЖЕН
Вардар не тргна најдобро со Давид Дејвис на клупата, загуби од Нексе во првиот натпревар од СЕХА лигата, а од следната недела го чека она најважното – Лигата на шампионите. Позицијата не е сјајна за вардарци, седмо место на табелата и уште четири кола од групната фаза преку кои треба да фатат топ-16. Може ли еден месец со Шпанецот на клупата и четири дуели да направат разлика?
„Се надевам и имам добро претчувство. Сметам дека ако секој од нас го прави она што Давид ќе го зададе сè ќе биде добро. Тој посветува многу внимание на деталите, поставува тактика, анализира и го сакам тоа што секој ден учам нешто ново. Она што се случи со Нексе е затоа што уште се обидуваме да се најдеме во системот на Давид, но и како екипа трениравме само три дена. Има многу новитети во играта, во тактиката, а и на тој меч примивме 25 гола, што и не е толку лошо. Имаме многу очекувања, пред сè ние самите – играчите и верувајте ние најмногу сакаме да победиме на сите натпревари и да играме во осминафиналето во ЛШ. Ни престојат четири важни натпревари. Од Монпеље, не сум импресиониран. Противник за почит, но подготвени сме. Првиот натпревар можевме да го добиеме и мислам дека од тогаш сите мислиме на 16 февруари. Знаеме дека е време за одмазда. Јас, Кевин и Оливие и Бакари секако дека сме посебно мотивирани и сакаме да се покажеме во најдобро светло затоа што првпат со Вардар ќе играме и против француски тим во Франција, што за нас е како домашен терен. Не само поради себе, туку и за целиот тим. Можеме, сакаме и веруваме дека ќе го дадеме најдоброто и ќе победиме. Тоа и мораме да го направиме ако сакаме да се најдеме во Топ-16. Потоа е Загреб. По она што ни се случи во дуелот со нив претходно верувам дека нема играч кој не сака да си го наплати долгот. Брест – мислам дека може да ги добиеме и на гости, а што се однесува до Елверум тоа ќе биде тежок меч, тие играат многу добро. Но, реков, имам добро чувство, гледајќи ја екипата како функционира.“
„За мене е сон да почувствувам како е да се биде на теренот во Келн, на Ф4 во Лигата на шампионите, а Давид со тоа не мотивира. Ни вели дека кариерата е долга, но истовремено и кратка и дека секоја шанса мора да се искористи. Не тера да мислиме на Ф4, со тоа што ни вели нема лимит и сè е можно со многу работа. И не е само работата, туку начинот на кој тој верува во својата работа и како ја претставува. Прави да се чувствуваме дека можеме сè, ме прави гладен за успех! Од осум тренери кои сум ги имал во кариерата мислам дека најмногу научив од него за еден месец. Директен е и на одличен начин ги презентира работите. И во Полска имав шпански тренер, но со него соработката беше тешка, а сега со Давид е сосем поинаку. На пример, свесен сум дека сега можеби ќе играм помалку, затоа што тој дава шанса на сите и игра со сите што ги има во тимот, но знам дека тоа е за доброто на екипата. Неговата работа и пристап ми даваат надеж, но не сакам однапред да зборувам, ќе покаже времето. Се надевавме на добро и, пак, ќе повторам дека не знам дали ќе потпишев за Нант ако Давид беше тука од порано, но знам дека работите ќе беа поинакви.“
ТОПЛО ДОБРЕДОЈДЕ ОД СТОЛЕ И ТИМУР, КУНИ – НАЈСМЕШЕН СОИГРАЧ
Капитенот Стојанче Стоилов и Тимур Дибиров се двајцата ракометари кои се потрудиле Тото од првиот ден да се чувствува во Скопје како дома. Од актуелните соиграчи Куни Моралес е најголем шегобиец во тимот, според Французинот.
„Кога дојдов во Вардар, паметам Столе, капитенски, прв ме пречека во ‘Русија’ и беше навистина отворен, ми рече – ако нешто ти треба само јави ми се, ќе ти помогнам за сè! Многу сум близок и со Тимур, многу зборувавме со него, одевме на кафе, на вечера… И со другите момци во тимот имам одлична комуникација, лесно беше да се адаптирам. Среќен бев што и Бакари е тука, браќата Њокас, не сум сам како во Полска. Знаеме повремено да правиме тим билдинг и се е одлично. Штета е што никој во екипата не разбира шпански затоа што Куни Моралес е извонреден, со голема смисла на хумор. Начинот на кој ги интерпретира работите – толку е смешен, кога е расположен е најсмешниот човек на светот. Столе е капитенски поставен, не зборува многу и е мирен. Зборува кога мора и кога треба, најчесто кога работите ќе одат на лошо, тогаш знае што да му каже на тимот.“
СТРУГА МИ ДАДЕ ОДЛИЧНА СЛИКА ЗА МАКЕДОНИЈА
За Жереми Тото првиот контакт со Македонија, не се Вардар и Скопје, туку е Струшкиот турнир во 2016 година, кога тој со Кретеј доаѓа да настапи на традиционалниот претсезонски турнир.
„Првите импресии од Македонија ми се од Струга. Во 2016 година со Кретеј дојдовме да играме на Струшкиот турнир. Паметам долго патувавме, лет со Софија, па еден автобус до Скопје, со друг до Струга… Борко ми беше соиграч и ни рече ‘момци не грижете се, ќе видите, ќе уживате.’ Навистина беше така! Тоа беше ново искуство, игравме на отворено игралиште и беше забавно, времето беше прекрасно, сонце секој ден. Првите впечатоци беа навистина одлични. Дури и сега пред почетокот на сезоната кога бевме со Вардар на турнирот во Струга, си помислив знам каде сум, го паметам ова.“ (се смее)
„Животот ми е убав и во Скопје. Четири пати се враќав пред да најдам стан и секако има голема разлика од Париз, но ми се допаѓа. Ако споредам со Полска, Македонија е сосем различна. Тука луѓето се отворени, срдечни… во Полска на моменти се чувствував како да отскокнувам од средината. Во Македонија луѓето се добри со мене, љубезни, на почетокот знаеја да ме прашаат дали сум кошаркар или ракометар и кога ќе им кажев дека ќе играм во Вардар некои и ме гушкаа. Паметам кога потпишав за Вардар добив толку многу пораки од навивачите на социјалните мрежи што не можев да верувам.“ (се смее) „Од тие причини и се плашев од реакцијата на навивачите во салата откако беше објавено дека од следната сезона ќе играм во Нант. На социјалните мрежи добивав многу лоши пораки и десетина дена навистина не се чувствував убаво. Токму тогаш игравме и натпревар во ЛШ на домашен терен и не знаев што да очекувам, дали ќе ме исвиркаат или ќе ми аплаудираат, но за среќа се помина добро.“
САКАМ ДА БИДАМ ХУМАНИТАРЕЦ КОГА ЌЕ ЗАВРШАМ СО РАКОМЕТОТ
Французинот, кој има 29 години веќе мисли на тоа што ќе прави кога ќе заврши со ракометната кариера. Не сака да остане во ракометните води, туку сака да ги прошири своите видици. Работи веќе на создавање приватен бизнис, а го интересира и хуманитарната работа.
„Се чувствувам среќен и привилегиран затоа што го работам она што го сакам. Истовремено и се забавувам и имам пари. Патувам низ светот, топ-ракометари ми се другари, но јас сум скромен и не се сметам себе си за ѕвезда. За мене ракометот е работа која ја работам исто како работникот во фабрика или келнер во кафуле или ресторан, но разликата е што не морам да станувам рано наутро. За мене сите луѓе се исти и ако можам да им дадам од моето време и сретства и искуство и да им помогнам тогаш зошто да не. Затоа не се гледам во ракометот по завршувањето на кариерата. Сега работам на тоа што ќе правам по ракометот. Не сакам да бидам изненаден на 35-36 години или ако случајно ми се случи некоја повреда која ќе ме принуди да ја завршам кариерата. Сакам да си создадам компанија, да инвестирам, не знам точно што и затоа сакам да се вратам во Франција. Не сакам да бидам тренер, или менаџер или спортски директор, кога ќе ја завршам играчката кариера, туку сакам да пробам нешто ново, различно, да запознаам други луѓе и погледи на животот. Сакам и хуманитарна работа – да одам во Африка да изградам училишта или нешто слично“, објаснува Тото.
НЕМА КОЈ ДА МЕ НАУЧИ ДА ГОТВАМ МАКЕДОНСКИ ЈАДЕЊА
Тој не отскокнува од својата генерација – сака филмови и книги, активен е на социјалните мрежи, а исто така сака и да готви.
„Имам девојка во Париз, која поради работните обврски не може да биде со мене во Скопје. Во слободно време сакам да гледам филмови (се смета за филмофил), да читам книги, најчесто филозофија и психологија, но не ми оди во последно време (се смее). Почнав три книги да читам и не ги имам завршено. Сакам и да готвам. Уште не знам да подготвам македонско јадење затоа што нема кој да ме научи. (се смее) Но затоа без проблем ја дегустирам македонската трпеза, а најмногу ми се допаѓа бурек. Сакам и да патувам, да истражувам, па дури и да сум сам на патувањето. Се обидов да научам и македонски малку, најдобро ми оди со пцовките (се смее). Разбирам нешто кога зборувате, но не знам да одговорам. Почнав да учам, но со оглед на тоа дека нема да останам во Вардар престанав.“
НАЈМНОГУ ЌЕ МИ НЕДОСТАСУВА ПУБЛИКАТА
Тема која е неизбежна кога станува збор за Вардар се неговите навивачи, а Французинот вели дека тие најмногу ќе му недостасуваат.
„Фановите – тоа е една од работите која најмногу ќе ми недостасува кога ќе заминам. Мислев дека е до мене, дека јас имам такво чувство, но кога дојде моето семејство да ме посети и гледаше натпревар во Скопје реакциите им беа – Жереми што е ова!? Навивачите се луди, но луди во позитивен начин. Го разбираат ракометот, даваат мотивација и поддршка во текот на целиот меч. И тоа трибините не се полни. За мене е најдобрата атмосфера во која сум играл во кариерата, одлични се. Дури и кога губиме се тука и не поддржуваат. Иако го почувствував и тоа дека на социјалните медиуми има и негативни коментари. Во ‘Јане Сандански’ се неверојатни и затоа кога потпишав за Нант не знаев како ќе ме пречекаат.“
ЖЕЛБА МИ Е ДА ЗАИГРАМ ЗА ФРАНЦИЈА
Жереми Тото досега му дал многу на ракометот, за тоа најдобро зборува и лузна на лицето под десното око, кога пред осум години на еден меч во Луксембург заработил удар со лакт на јаболкницата. Има и скршеница на зглобот на десната рака за време на тренинг… но тие лузни за него се мотив плус. Французинот ќе гази напред во кариерата, а целта му е трофеј во Лигата на шампионите и статус на француски репрезентативец.
„Имам настапи со кадетска и младинска репрезентација на Франција, на Европско првенство, а имам и бронзен медал од Светско првенство, но уште ја чекам мојата шанса кога станува збор за А националниот тим. Никогаш не сум се нашол ниту на поширок список, не знам од која причина иако селекторот им даде шанса на некои млади играчи од Нант и Монпеље. Јас работам на себе и се надевам дека ќе добијам повик од репрезентацијата, затоа што тоа ќе биде исполнување на сон. Желба ми е и да играм на Ф4 во Келн и да освојам титула во Лигата на шампионите, нормално тоа е сон на секој ракометар. Можеби и еден ден ќе се вратам во Вардар и Скопје – којзнае!“