Ентрериос собира ѕвезди во Лимож – потпиша ракометар на Барселона!

Откако лани Лимож го ангажираше десниот бек од Барса, Јуре Доленец, уште еден ракометар од каталонскиот гигант ќе се пресели во Франција.

Станува збор за левото крило Анхел Перез Фернандез, кој потпиша договор на две години со францускиот тим што ќе биде предводен од Алберто Ентрериос.

Фернандез е четвртото засилување за Лимож за следната сезона по голманот од ПСЖ, Јан Жанти, десниот бек од Истр, Андреа Гијом и некогашниот пикер на Еурофарм Пелистер, Томислав Кушан.

Шпанското лево крило претходно ги бранеше боите на Ла Риоха, пет сезони од 2013 до 2018 година, а потоа играше и за полскиот Келце до 2021 пред да се пресели во Барселона.

Со шпанската репрезентација два пати стигна до злато на Европското првенство, а на последното ЕП освои и сребро.