Ракометарите на Данска, Микел Хансен и Матијас Гидсел, кои Европското првенство во Унгарија и Словачка со своите колеги го завршија на 3 место, беа избрани меѓу најдобрите, односно двајцата имаа свое место во ол-стар тимот на ЕП.
Хансен беше избран за најдобар лев бек, додека Гидсел за најдобар десен бек. За само 12 месеци, двајцата ракометари од Данска по трет беа избрани во ол-стар тимот на едно големо натпреварување.
На Светското првенство во 2021 година, кое се одржуваше во Египет, Гидсел беше предводник на данската репрезентација, која го освои златниот медал, а младиот ракометар беше избран за најдобар десен бек, додека Микел Хансен беше најдобар лев бек.
По Светското првенство следуваа Олимписките игри во Токио. На Олимписките игри, Гидсел ја доби наградата за најкорисен играч (МВП), а на неговата позиција, десен бек, за најдобар беше избран, Јахја Омар од Египет. Хансен беше најдобар лев бек, но и најдобар стрелец на Олимписките игри со 61 гол.
Пред Гидсел и Хансен „хет-трик“ во оваа категорија остварија шест ракометари. Станува збор за Стефан Левгрен, Никола Карабатиќ, Хенинг Фриц, Хулен Агинагалде, Рафаел Гихоса и Едуард Кокшаров.
Поранешниот ракометен ас, Ивано Балиќ и понатаму е апсолутно неприкосновен. Балиќ шест пати по ред наоѓаше место меѓу најдобрите на големите натпреварувања (ЕП, СП, ОИ), почнувајќи од ЕП 2004 година, а завршувајќи со ЕП 2008 година.