Дел од членовите на Извршниот Комитет размислувале и за построга казна, како што е барање до РФМ, за Металург да биде исклучен од домашното првенство, и неможност да регистрираат нови ракометари, но, сепак се решиле да му дадат нова шаса на клубот, бидејќи добиле уверувања од Автокоманда дека ќе бидат исплатени долговите.
На финалниот викенд на Европското првенство во Будимпешта, состанок имаше Извршниот Комитет на европската куќа на ракометот, на кој има и одлука што го засега и тимот на Металург. Како што неофицијално дознаваме били разговарано за Металург и донесена одлука која што не е во прилог на поранешниот македонски шампион.
Металург ќе биде суспендиран и нема да игра во европските купови, се додека не ги исплати долгувањата на играчите кои тоа го бараат преку ЕХФ. Според информациите на 24Ракомет, неофицијално се споменуваат тужбите на словенечкиот интернационалец Александер Шпенде и тренерот Зоран Кастратовиќ, кои ги добиле споровите со македонскиот клуб и чекаат да бидат исплатени. Но, листата сигурно е подолга бидејќи некои најавени тужби допрва треба да пристигнат на вратата на македонскиот тим.
Дел од членовите на Извршниот Комитет размислувале и за построга казна, како што е барање до РФМ, за Металург да биде исклучен од домашното првенство, и неможност да регистрираат нови ракометари, но, сепак се решиле да му дадат нова шаса на клубот, бидејќи добиле уверувања од Автокоманда дека ќе бидат исплатени долговите. Ветувањата се дека наскоро ќе има пари и ќе може да се рачистат тие долгувања. Се чека доделувањето на спортскиот ваучер, и според најавите тој би бил сличен според висината како и лани, односно над 250.000 евра. Има најави дека и општина Гази Баба ќе помогне, иако тие средства би били многу помали. Но, секако „ќе закрпат многу дупки“.
Голем број на ракометари го тужат клубот, а последен во низата што ќе бара правда преку ЕХФ е тренерот Иван Марковски, кој си замина од клубот пред месец дена и ќе побара друг механизам за да си наплати побарувањата. Тој веќе ја контактирал канцеларијата на ЕХФ од каде биде заинтересирани и за неговиот случај, и тоа токму пред да биде состанокот на Извршниот комитет на ЕХФ.
Металург беше пријавен за настап во Лигата на Европа сезонава, но откако Европската ракометна федерација побара депозит, односно гаранција од 50.000 евра од тимот од Автокоманда, беше решено да се откаже настапот. ЕХФ ја бараше гаранцијата токму поради многуте побарувања што преку нив ги бараат некогашните играчи од Металург.
Металург го напуштија сите странски ракометари кои дојдоа пред стартот на сезоната. Најпрво тоа беше случај со браќата Оливие и Кевин Њокас, кои не ни заиграа на официјален натпревар за клубот од Автокоманда.
Како одминуваше времето, така ситуацијата со финансиите се влошуваше, па си замина Абдула Мане, а потоа и тројката Халил Озтурк, Улисес Рибеиро и Златко Хорват. Покрај нив, член на тимот од Автокоманда повеќе не е ниту Милан Лазаревски, а претходно замина и левото крило Дарио Кофилоски во Алкалоид.
Десното крило Александар Петковски имаше поднесено барање за раскин на договорот, но Регистрациската комисија на РФМ го одби барањето како неосновано, бидејќи Металург ги исполнил барањата на Петковски. И покрај лошата ситуација, Металург се уште има шанси за место во плеј-офот во Суперлигата, а за таа цел ги донесе новиот тренер Игор Котевски, како и кружниот напаѓач Али Кобеиси.