Европското првенство во Унгарија и Словачка се наоѓа пред крајот, откако останаа да се одиграат уште завршните натпревари за медали. На континенталниот собир во овие две земји работеа огромна бројка на волонтери.
Според податоците на ЕХФ, скоро 700 лица во Унгарија се пријавиле за доброволен ангажман за време на Европското првенство. Во бројката од 700 волонтери, голем број од нив припаѓаат на спортско-волонтерската асоцијација на Унгарија.
Додека голем дел од волонтерите на Европското првенство во Унгарија се Унгарци, некои дојдоа од многу далечни земји за да помогнат на големиот настан. Тука спаѓа Египќанецот Омар Елвардани, кој исто така волонтираше како тимски придружник за Шведска на Светското првенство минатата година во Египет и волонтерот од Мексико, Енрике Хуерта.
Мексиканецот Хуерта има 36 години и на Европското првенство е дел од тимот за допинг контрола. Исто така тој помага во носењето на знамето на ЕХФ на некои натпревари. Во Мексико игра ракомет од 1999 година и работи како тренер за млади.
Тој вели дека неговото мото е „Осмели се да бидеш поинаков“, а во Мексико да се сака ракометот е малку необично. Во отсуство на домашни можности да се едуцира во спортот, тој често оди во странство за да се развива професионално и да се натпреварува на турнири со неговиот тим.
„На тековното Европско првенство сакам да стекнам што е можно повеќе искуство за внатрешното функционирање на еден ваков голем ракометен настан, а потоа ќе ги споделам овие набљудувања со моите сонародници за да го направам овој спорт попопуларен во Мексико“, изјави Хуерта.
Волонтирањето може да помогне во градењето на трајни врски и да даде искуство за цел живот, но исто така и да го збогати вашето портфолио.