Од ден на ден само се потврдува бесмисленоста на ова Европско првенство во Унгарија и Словачка. Се менуваат играчи, едни отпаѓаат, други доаѓаат и влегуваат во состав без заеднички тренинзи.
Требаше да биде фешта од ракомет и уживање, но се претвори во мачење и секојдневно известување само за позитивни и негативни ракометари, и ноќна мора за скоро сите репрезентации.
Вистински циркус се случува во хрватската селекција. Откако имаше прва епизода со Давид Мандиќ, кој добиваше позитивен, негативен, па на крај пак позитивен резултат во три дена, сега има и втора епизода со Ловро Михиќ во главна улога.
Тој беше позитивен на коронавирус, помина пет ден во изолација, и вчера доби негативен тест и тренираше со останатите. Но на денешното ново тестирање, Михиќ одново доби позитивен резултат, а тоа значи дека нема да игра против Данска.
Хрвоје Хорват веднаш реагираше и го повика на помош Давор Чавар од Загреб, кој заедно со Марин Јелиниќ ќе ја сочинуваат левата крилна позиција, бидејќи Давид Мандиќ и Валентино Равниќ се позитивни.
Хрватска вечерва од 20:30 часот во дербито на денот ќе се соочи со селекцијата на Данска.