Репрезентацијата на Шведска продолжува со добрите игри на Евопското првенство, а особено фантастично издание Швеѓаните имаа na вториот натпревар од главната рунда на кој ја совладаа Полска убедливо со 28:18.
Неизвесноста на натпреварот траеше многу кратко односно до 12. минута кога Полска намали на 5:6. Следуваше серија на Шведска, Ване, Клар и Петерсон погодија за водство на Швеѓаните од 10:5 во 22. минута.
Кризата на Полска продолжи до крајот на првото полувреме и за дваесетина минути постигнаа само еден гол. Не успеваа да реализираат во напад и правеа многу грешки. Ова, искусните Швеѓани знаеја да го искористат и на полувреме имаа предност од 14:6 и веќе ја обезбедија победата.
Во продолжението се играше во слаб ритам без многу борба, тренерот на Шведска имаше можност да ги одмори своите најголеми адути, но и покрај тоа веќе во 37. минута беше 12 разлика, 19:7. До крај натпреварот беше формалност и требаше само да се доигра, а Полска успеа малку да го ублажи поразот.
Најефикасни со по четири гола беа Мелегард, Ване и Петерсон, а на голот одличен беше младиот Тобиас Тулин со 11 интервенции. Во тимот на Полска најефикасни со по пет гола беа Морито и Крајевски. Шведска има четири бода и е зад Шпанија, додека Полска останува без бодови во главната рунда.
ЕП 2022, ГРУПА 2 – ТАБЕЛА