Репрезентацијата на Унгарија доживеа нов шок пред своите навивачи во Будимпешта откако во неизвесен натпревар загуби од Исланд со 31:30. Поразот од Исланд значи крај на Унгарија на Европското првенство.
Првото полувреме меѓу двете репрезентации мина во голема борба со доста изедначувања, надигрувања, промена на резултатот и убави акции од двете страни. Исланд во поголемиот дел од првите 30. минути имаше поголема контрола на теренот.
Гол за гол се играше во текот на првото полувреме, иако Исланд во еден период за прв пат се одлепи на два гола разлика. Избраниците на Гудмундур Гудмундсон кон крајот на првата половина од првиот дел ги имаа највисоките плус два, 11:9, а минута подоцна и 12:10.
Во 20. минута шанса меѓу стативите кај Унгарците доби голманот на Еурофарм Пелистер, Мартон Секељ. Исланд предводен од Кристијансон, Магнусон и Гудјонсон секогаш наоѓаше простор во унгарската одбрана и одржуваше минимално водство, додека репрезентацијата на Унгарија резултатски се одржуваше во игра преку Банхиди.
Првото полувреме заврши нерешено, 17:17, а вкупниот број на постигнати голови, 34, доволно говори дека првиот дел мина без јака одбрана на двете страни.
Како и првото, така и второто полувреме започна доста изедначено. Унгарија во 35. минута го презеде водство за 20:19 благодарение на голманот, Секељ. Сепак, ракометарите на Исланд ги искористија пропуштените шанси на Унгарија и повторно дојдоа до плус два позитива, 23:21.
Исланѓаните по десетина минути игра во вториот дел имаа активен резултат од 24:22 и 25:23. Следуваа три погодоци во низа на Унгарија преку Мате, Сита и Банхиди за пресврт и минимално водство од 26:25. Исланд израмни на 26:26 и имаше шанса преку пенал да дојде повторно до водство, но Миклер тоа не го дозволи.
Под притисок, грешките во редовите на Унгарија се зголемуваа во завршниот дел. На осум минути пред крајот, Золтан Сита доби црвен картон поради три исклучувања. Водството на Исланд во 56. минута беше 31:29.
Унгарците не се предаваа, дојдоа до минус еден, 30:31 и имаа шанса да израмнат од пенал. Голманот на Исланд, Густавсон беше концентриран и го одбрани ударот на Мате. Домаќините во два наврати не можеа никако да го совладат Густавсон, кој со своите 11 одбрани се покажа како клучен во денешниот триумф над Унгарците.
ЕП 2022, ГРУПА Б – ТАБЕЛА