Голманот Никола Митревски сумирајќи го настапот на македонската репрезентација на ЕП 2022, посочи дека покрај сите пехови што ги имаа пред почетокот и за време на шампионат, може да се извлечат и некои позитивни работи.
„ Од седум стартни ние на ова првенство немавме четворица. За било која репрезентација тоа би било голем удар, а не за нас кои имаме ограничен број на играчи. Мислам дека не се посрамотивме туку добивме искуство кај овие неколку млади деца. Тоа искуство ќе им треба нив и нас на цела Македонија за да го продолжиме тој континуитет од 11 големи натпреварувања во серија на кои настапуваме. На ова ЕП не продолжуваме понатаму, но веќе од сега почнува со мислите на мартовски натпревари во баражот за СП 2023“ – истакна првиот голман во македонската репрезентација.
Извлековме ли максимум од она што можеше да се извлече на ова првенство?
„Тешко е да се објасни и да се разбере кога си надвор од репрезентацијата . Имаме ограничен број на квалитетни играчи кои играат во големи клубови и кои имаат минутажи во клубовите. Знаеме дека имаме доста играчи од македонското првенство кои не играат европски купови, а се тука. Со самото тоа тие добиваат искуство кое ќе ни значи многу за иднина. Сите сакаме да играат Мојсовски, Димовски, Лазаров…уште едно 10-15 години, но природен процес. И поголеми репрезентации од нас трпеле криза кога имале промена на генерација. Тоа е вистината дека немаме доволно квалитетни играчи кои можат да заменат било кого, ние зависиме од секој еден. Завчера беше фама како може да загубиме од Црна Гора. Па беше тоа е срам, тоа е блам…Тие имаат 4-5 играчи кои играат во Бундес лига, ние имаме 1-2 . Сите тие имаат минутажа во своите клубови, кај нас ние немаме минутажа. Играчите не играат во клубовите, овде добиваат поголема шанса…“ – посочува Митревски.