Поранешниот македонски репрезентативец и член на тренерскиот тим на Еурофарм Пелистер 2, Александар Зарков, за 24Ракомет го анализираше третиот натпревар на Македонија на Европското првенство на кој беше забележан и трет пораз на шампионатот од селекцијата на Данска. Зарков смета дека противникот беше пресилен иако играше со втора постава, но смета и дека младите мора да имаат поголема минутажа за да може од настапите да се добие искуство за следните големи натпреварувања.
Во натпревар кој беше без резулатски карактер селекторот на Данска искористи можност да ги одмори главните ракометари и да им даде шанса на оние кои играа помалку на првите две средби. За нашите момци беше добро тоа што на еден ваков натпревар можеше да се одигра без притисок. Овој натпревар беше добредојден за нив за да може да се одигра малку ракомет.
Навистина е многу тешко да се каже нешто повеќе за ваков натпревар. Лошо од овој натпревар е што се повреди Кузмановски. Добро е тоа што ова е последен натпревар против ривал кој беше голем фаворит и нема да има многу критики по форумите за момците и нема многу да се зборува.
Се виде дека Данска и со втора постава беше многу посилна од нас и тоа го користеше на теренот. Кај нас добија шанса да одиграат сите, сега кој колку успеа да се снајде, се снајде.
Ако се подмладува репрезентација, млад играч треба да го почувствува тоа на теренот. Од помладите единствено Цветан Кузманоски одигра три натпревари и за него ова е големо искуство. Другите играа по 5-10 минути што и не се смета за некое големо искуство. Добро е што одигра. Мислам дека се на се голем хендикеп е што не играше Лазаров. Тоа мора да се признае бидејќи играта што ја играме, не може да ја одиграме без Лазаров, а тоа е два на два со пивот, нешто кое го играме пет години наназад. Со неиграњето на Лазаров ни одпадна бидејќи тој има пет решенија во секунда кои ги немаат другите наши бекови. Затоа другите репрезентации, нѝ се спуштија ниско и пивотите не можеа да го играат она што е потребно.
Со Лазаров на терен ќе беше многу поинаку. Ќе имавме сосема друга игра и против Словенија и против Црна Гора, натпревари коишто ни беа важни.
Инаку, ова е прво Европско првенство што го гледам, кое е со многу агресија како во напад така и во одбрана. Порано се играше одбрана на граница на 2 минути, а сега е толку агресивно што е на граница на црвен картон. Оттаму судиите многупати користат гледање на снимка за да можат да донесат вистински одлука. Добро се виде дека доколку не игра одбрана тогаш не можеш да направиш ништо. Доколку не направиш контра-полуконтра тогаш не можеш против другите, ако не одиш во напад и пробаш да одиграш еден на еден исто така е максимално тешко.
Им посакувам успех на селекторот и на ракометарите во следните акции. Им посакувам успех и на младите кои доаѓаат во сениорскиот состав. Имаме многу млади играчи кои се квалитетни и на кои може да се смета во иднина.