Избраниците на Зоран Рогановиќ со победата од 33:32 против Словенија обезбедија место во главната фаза на Европското првенство. Во драматичен дуел, Црногорците подобро одиграа во завршниот дел и предводени од голманот, Небојша Симиќ, запишаа историски успех.
На денешниот натпревар, црногорската репрезентација беше предводена од нивниот селектор, Зоран Рогановиќ, кој поради позитивен тест на коронавирус не беше присутен на кормилото на неговата репрезентација во натпреварите против Данска и Македонија.
Рогановиќ после инфракт-завршницата со Словенците, за 24Ракомет изјави дека денешниот остварен резултат е само почеток на неговите избраници.
„Дали ќе бидам позитивен или негативен на следното тестирање е сосема небитно бидејќи ракометарите од оваа репрезентација кои беа многу дисциплинирани при моето отсуство се вистински војници. Мене ми претставува голема чест што сум селектор на Црна Гора, која го направи најголемиот успех во машкиот црногорски ракомет, но морам да кажам дека на моите ракометари, долго време им зборувам дека ова е само почеток. Сега гледаме дека можеме да играме многу повеќе од порано, а тоа ќе го покажеме и на следните натпревари“.
Црна Гора пред и за време на Европското првенство се соочи со многу проблеми поради позитивни играчи на коронавирус. Сепак, и со скратениот ростер успеаја во мисијата на Европското првенство.
„Ние поминавме низ пекол, буквално. Тоа јас не можам да го опишам. Никој не знае низ што поминавме ние, јас како тренер најмногу, но ракометарите се најбитни и денес покажаа едно големо срце. Нас ни недостигаат тројца играчи кои играат како бекови, скоро сите од прва постава. Мислам дека после ова ќе бидеме уште појаки и уште побројни“.
Ракометарите на Црна Гора во главната фаза влегуваат без бодови. Од Групата А, пласман во главната фаза обезбеди и репрезентацијата на Данска.