Екс-кометалка ,,намерно” блокирана – нема право да се кандидира за претседател

Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петров, Нарциса Лекушану е блокирана со нов член од Статутот на Ракометната федерација на Романија и со тоа нема никакво право да поднесе кандидатура за претседател на федерацијата.

Како што пренесуваат романските медиуми, во текот на месец февруари треба да се одржат избори за нов претседател на Ракометната федерација на Романија, а според информациите, во игра се двајца кандидати. Актуелниот претседател, Александру Деду, како и меѓународниот судија, Константин Дин, ќе ја бараат довербата од делегатите за нов реизбор односно за прв човек на федерацијата.

На изборите во 2018 година, Александру Деду ја победи Нарциса Лекушану со тесна разлика. Актуелниот претседател беше избран со 100 гласа, а Нарциса Лекушану имаше 99, два гласа беа поништени.

Екс-репрезентативка на Романија во моментов е член на извршниот комитет на Меѓународната ракометна федерација (ИХФ). За романскиот портал „Фанатик“ изјави дека потребни се промени во најголемата ракометна куќа во Романија.

„Тоа е статут изгласан од Генералното собрание, одобрен од судот. Знам што треба да направиме, но тоа сè уште не е во моја моќ. Не е добро. Некои работи мора да се сменат. Се чувствувам подготвена и стекнав големо административно искуство во ЕХФ и ИХФ, но немам можност“.

Инаку, спорниот член гласи: „Кандидатите треба да имаат најмалку 5 години искуство на раководно место на ракометна спортска структура или на јавен или приватен субјект. Менаџерската функција значи: главен директор, администратор, извршен директор, генерален директор, економски директор…“

Неколку лица во Романија обвинуваат дека овој член од Статутот е воведен токму за да се блокира евентуалната кандидатура на Нарциса Лекушану за претседател откако пред четири години беше многу блиску до победа.