НАЈ НАЈ НАЈ ИНТЕРВЈУ: Филип Миркуловски – За Македонија сум секогаш тука да помогнам!

Најголемите успеси во македонскиот репрезентативен ракомет, како и комплетниот подем, европската ренесанса, па и крах на шампионскиот Металург се врзани за името на Филип Миркуловски. Средниот бек, кој е познат како голем борец, кој несебично се даваше и за националниот и за клупскиот дрес повеќе од една деценија мина во „бело-синиот“ состав за кој и сам вели дека никогаш немал да го напушти доколку не се случеше она што се случи во 2015 година.

Тоа го принуди како зрел играч на 32 години да започне интернационална кариера и тоа во најсилната ракометна лига на светот – Бундеслигата. Една полусезона во Хановер и веќе петта година во Вецлар, каде дојде како замена за легендата Ивано Балиќ. За него се зборува само со епитети и големо почитување, па дури ја доби и капитенската лента. Од сезонава има двојна функција, играч-тренер.

И во репрезентацијата неговото отсуство силно се чувствува, особено сега кога во промената на генерација и натаму чекаме соодветна замена за популарниот Жути. Тој прво се прости од националниот тим во 2016 година, но прво Лино Червар за СП 2017 во Франција, а потоа и Раул Гонзалез за ЕП 2018 во Хрватска успеваа да го предомислат и да го вратат, пред конечно да каже крај и да се посвети на клупската кариера и семејството.

Интервјуто го направиме во паузата меѓу тренинг и натпревар од Светското првенство во Египет, но и во период кој го минува дома, во Германија, со сопругата и децата каде поради пандемијата од ковид-19, сè е затворено и воведен е карантин. Па така покрај (сега веќе вообичаените) корона-состојба прашања, прва тема секако беше СП и мундијалскиот настап на Македонија.

„Сите ние секогаш очекуваме многу повеќе од репрезентацијата и од ракометарите кога настапуваме на едно големо натпреварување. Така е со години наназад, а можеби сега требаше малку пореално да ги гледаме работите. На ова СП Македонија отиде во ’пет за 12’, нормално е дека сите играчи со паметот веќе беа на некое друго место. Ни тоа не е оправдување за ваквото претставување. И јас кога сум бил репрезентативец, сме имале лоши партии, но сме знаеле да го извлечеме и најдоброто од нас. На ова првенство го видовме минимумот од нашата сила. Ние треба да сме во егал до последната минута, а не да се предаваме по само десет минути игра! Не знам, можеби играчите чувствуваат некој притисок од јавноста, а не треба да е така, млади се, но веќе имаат искуство. Особено Кузмановски и Талески ова им е четврто-петто големо натпреварување, а видовме играчи кои се првпат на едно големо натпреварување, а се лидери во своите репрезентации. Ќе треба многу да се направи, многу повеќе да се работи, може и да се направи помлада селекција и да се изберат вистинските играчи за во репрезентација, што ќе може да даваат во следните седум-осум години, да се работи со нив и да се направи еден систем кој ќе биде многу подобар од овој досега.“

Сметаш дека уште помлада генерација треба да се вклучи во А-тимот?

„Ако зборуваме за вистинско подмладување тогаш Талески и Кузмановски ги сметам веќе за изградени играчи кои направиле завидни кариери и тие веќе треба да го дадат најдоброто од себе. Исто како и Пешевски, а тука се и Стоилов, Манасков, Георгиевски, кои може да дадат уште неколку години. Но, со нив треба да се земат и оние кои ќе ги наследат и во следните седум – осум години и ќе бидат носители од националниот тим. Не знам, генерација 1998-2000 со какви играчи располагаме, но и тие да се вклучат во работата за да можат да допринесат во иднина. Од она што го видов на СП од оние кои ги сметаме за млади не личеше дека имаме светла иднина.“

Сега веќе е јасно дека бараме и нов селектор по разделбата на Данило Брестовац и РФМ. Со оглед на твоето искуство, странец или македонски селектор е соодветно решение во моментов?

„Имаме смена на генерација и треба да бидат вклучени помлади ракометари во работата на А националниот тим па според мене најдобро ќе биде тој некој да е македонски тренер, што ги знае младите домашни играчи и идни репрезентативци, кој ќе знае кој играч колку може да даде во даден момент, и некој кој ја познава целокупната ситуација во Македонија и во мак-ракометот, што, како и со што располагаме.“

ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА И ИГРАЧКИ БИ ПОМОГНАЛ АКО ТРЕБА

И не само претходно кога ја пролонгираше репрезентативната пензија, туку и сега по пауза од неколку години Миркуловски покажува колку за него е свет националниот дрес, па дури и се става на располагање, доколку е потребен.

„Крајот на репрезентативната кариера го најавив на баражот со Чешка за СП 2016, но потоа се предомислив и одиграв уште две првенства и Мундијалот во Франција и ЕП во Хрватска година дена подоцна, додека официјално завршив во 2018, по баражот со Романија кога се пласиравме на СП 2019 во Германија. Веќе ми стана јасно дека мојата генерација го достигна максимумот, а истото го чувствував и за себе и некоректно ќе беше и кон мене и кон целата македонска јавност, која ме знае како играч кој комплетно се давал себе да останам да играм, а да не давам 100 посто. Почувствував дека не можам повеќе да го правам тоа и сметав дека не е правилно и кон играчите кои чекаа да добијат место во А тимот. Последните три – четири првенства секогаш влечев некои повреди потоа, и ми стана јасно дека тешко го издржувам веќе тој товар, во 10 дена играш шест-седум силни натпревари, и во одбрана и во напад… Во Вецлар играм само напад и еве последниве три години немам некоја посериозна повреда. Секогаш бев тука за да помогнам, но на крајот излегуваше дека треба да играм 60 минути. (се смее) И сега сум тука, секогаш ќе бидам тука за репрезентација! Би помогнал и играчки, доколку на пример, не знам, ни треба победа со Швајцарија, а имаме повредени играчи  нормално дека би дошол би помогнал за еден натпревар, тоа не е никаков проблем. Но потоа да одам на Европско или Светско, не гледам логика. Само на такви првенства растат играчите како квалитет. За помош сум секогаш тука…“

СО КИРЕ, МОЈСО, ЈОНО… ЗАСЛУЖИВМЕ БАРЕМ ЕДНО ПОЛУФИНАЛЕ

Најголемата причина поради која Филип Миркуловски го одложува крајот во репрезентацијата е што верувал дека неговата генерација заслужува едно полуфинале на големите натпрреварувања и верувал дека тоа може да се случи во Хрватска на Европското првенство во 2018 година.

„На ЕП во Хрватска ја гледав последната шанса на таа генерација да дојдеме до толку посакувано полуфинале на едно големо натпреварување. Задоволен сум од мојата репрезентативна кариера, цела деценија бевме во континуитет дел од големи натпреварувања, но ќе ми остане жал, мислам и сè уште тврдам дека имавме квалитет за нешто повеќе од само пласман во следната фаза, заслужувавме да одиграме барем едно полуфинале без разлика дали на ЕП или СП. Бевме супер генерација, јас, Наумче Мојсовски, Кирил и Филип Лазаров, Јоновски, Веле Маркоски… (да не ги набројувам сите) Имавме навистина екстра квалитет, но можеби тогаш не верувавме во нас и немавме верба во себе. Имаше многу натпревари што сме ги одиграле и над нашите можности и под нашите можности, има многу и добри и лоши моменти, но ќе ми остане жал што барем едно полуфинале нè одигравме. Може ни фалеше и среќа. Најблизу бевме на две првенства ЕП 2012 во Србија и ЕП 2018 во Хрватска. Во Хрватска во Загреб одигравме одлично во група, со три бода влеговме во главна фаза, но потоа во Вараждин се случи повредата на Лазаров и ни побегна победата над Чешка, а со тоа и полуфиналето. Претходно во Белград се случи мечот со Данска и голот во последна секунда, а потоа се виде дека со тој бод ќе фатевме полуфинале… И наместо за медал се радувавме на петтото место. Влијаеја многу фактори. И на СП 2015 во Катар имавме добро првенство и со Словенија во осминафиналето загубивме несреќно. Можеби ни требаше и малку среќа за нешто повеќе“, потенцира Миркуловски.

Интересно е дека генерацијата за која зборува Жути, со исклучок на тројца-четворица играчи е всушност комплетниот шампионскиот тим на Металург.

„Тогаш се погоди добра генерација и сите да играме во Металург, а тоа потоа се одрази и во репрезентацијата затоа што по распадот на Металург почна и падот на националниот тим. Имавме супер атмосфера во клубот и таа ја пренесувавме во репрезентација, бевме воиграни, јас, Мојсо, Димовски, Јоновски, игравме и со ’врзани очи’ што се вели, немаше потреба да зборуваме, поглед беше доволен, игравме само со знаци и беше полесно да се игра отколку што е сега. Барем така изгледа. Сега 90 посто играчите играат во различни клубови, дали во странство, дали во Македонија и многу е тешко да се компонира една таква екипа каде има еден послаб квалитет, а и играчите не се заедно цела година. Според нашите можности и квалитети мислам дека клуб-репрезентација е најдобар концепт за нас и воопшто и за клупскиот ракомет.“

ЧЕРВАР НИ ПОКАЖА НА СИТЕ КОЛКУ ВРЕДИМЕ

Филип Миркуловски скоро сите го сметаат за „дете“ на Металург, но факт е дека тој кариерата ја започнува во РК Македонија и тоа (по)доцна на 12-13 години, и се двоумел меѓу кошарка и ракомет пред да ја донесе конечната одлука. Потоа со тимот од Автокоманда ќе прерасне во еден од најдобрите македонски ракометари.

„Тренирав ракомет и кошарка истовремено и посериозно бев посветен на кошарката, но се одлучив за ракомет бидејќи татко ми е поранешен ракометар, голман, и од него добив поддршка, а и видов дека со мојата висина тешко дека ќе успејам во кошарка (се смее). РК Македонија е мојот матичен клуб, формиран 95-96 ако не се лажам, почнавме од трета лига и стигнавме до Суперлига, одиграв една сезона со нив во Суперлига, а потоа преминав во Металург. Имам и една позајмица од два месеци во Младост Богданци за кои одиграв и четири меча, а другото време од 2003 до 2015 сум играч на Металург. Најубавите години ги минав таму, 11 ипол години, и можам да кажам  само многу убави работи. Сите што минаа низ клубот за сите тие години беа презадоволни од атмосферата која ја имаше внатре во екипата. Бев капитен кога со Цветковиќ во 2006 година Металург ја освои првата двојна круна, потоа се случи комплетна ренесанса, особено откако дојде Лино Червар, кој не крена на едно високо ниво, се крена и буџетот и кој ни покажа колку вредиме и дека можеме многу да направиме. За тие шест-седум години со Лино многу научив од него и како играч и како личност. Факт е дека од сите тренери можеш да научиш нешто, но треба точно да знаеш што да примениш и од кој тренер што да ’купиш’. Во мојата кариера имав среќа. Многу научив и од Гино Стрезовски, за кој сметам дека е еден од нашите подобри стратези. Потоа и од Раул Гонзалез, иако кусо време работев со него, а и во Бундеслигата, иако дојдов како искусен играч, многу научив од актуелниот тренер.“

По такви, како што велиш, најубави 11 години во Металург, кога сфати дека нема да можеш повеќе да чекаш и дека мора да си заминеш од клубот?

„Чекав до последен момент! Четири-пет месеци се надевавме дека нешто да се среди, не земавме плати и се чекавме на некаков сигнал дека може да се излезе од кризата. Кога дојде оној момент дека не оди повеќе и дека мора да се замине тогашниот газда кажа дека нема во блиска иднина да се средат работите и нормално како секој професионалец морав да си заминам за подобар живот. Многу тешко ми падна тој период од кариерата, не планирав никогаш да заминам од Металург доколку беше се како што треба. Кога играв за Металург имав понуди од странство, се јавуваа и менаџери, но никогаш не ги ни разгледував. Навистина се чувствував супер, ми беше убаво и ми беше многу тешко кога требаше да заминам, но морав да го сторам тоа.“

МЕТАЛУРГ ПРАВИ ОБИДИ ДА СЕ РАСЧИСТАТ СМЕТКИТЕ

Ти си еден од ретките кои не се обидоа преку ЕХФ и преку суд да ја бараат правдата.

„Не, не го направив тоа! Не го тужев Металург иако сите ме советуваа да го сторам тоа. Сакав на подруг начин да ги решам работите, можеби и ќе има разврска, сè уште се чека, никогаш не се знае. Мислам дека тие тужби и влечкање по судови е само губење на време. Во контакт сме со претседателката на Металург, има волја од страна на клубот да вратат дел од долгот, се трудат и колку може се прават обиди, но ќе видиме кога ќе дојдам јас на ред“, се шегува на своја сметка Миркуловски.

Во твоја чест дресот со број 13 клубот го повлечен од употреба, но само година дека подоцна му беше даден на Шпилер, кога тој дојде во Металург. Прво колку те изненади, потоа и те разочара ваквиот потег?

„Клубот сам донесе одлука да се повлече дресот и како спортист навистина бев пријатно изненаден. Потоа ме контактираше тогашниот претседател и ме праша дали може да го дадат дресот. Јас му одговорив не знам, ваша одлука беше да го повлечете, ваша одлука е дали ќе го вратите во употреба или не. Оставив  на нив. Од една страна ги разбирам дека тогаш им беше тешко да привлечат играчи, дека се знаеше каква беше ситуацијата на Металург. Тогаш во моментот изреагирав со коментар ’ете колку ме почитуваат’ ама од денешна гледна точка не е ни толку важно сето тоа што се случуваше.“

Како капитен на Металург, но и како еден од носителите на играта што е она што му недостасуваше на клубот за да стигне до Ф4 во Келн?

„Две години во низа бевме дел од најдобрите осум и мислам дека недостасуваше спонзорот да издржи уште две-три години, сигурен сум дека ќе игравме на Ф4. Токму таа сезона на колапсот, бевме зрели за полуфинале, имавме и најдобра екипа и доволно искуство во ЛШ да може да се најдеме на завршниот турнир. Но се случи тоа што се случи и ја пропуштивме шансата. Мислам дека само тоа недостасуваше година-две, таа сезона имавме топ екипа, на сите позиции бевме покриени со по два играчи, не знаеш кој е подобар.“

СО МОЈСО БЕВМЕ НАЈКОМПАТИБИЛНИ

Кога ќе погледне наназад во својата кариера во Металург, Миркуловски го имал соиграчот и со кој најдобро соработувал – Наумче Мојсовски.

„Мојсо беше мој најкомпатибилен соиграч. Навистина ми лежеше што се вели. Бевме слични во стилот, имавме убава соработка и знаевме меѓусебно да си создадеме добри позиции во игра. И со Вугринец многу добро се разбиравме. Таков однос имав и со Кирил Лазаров во репрезентацијата. Покрај нив и јас растев како играч“, потенцира Филип и додава: „А ако треба да изберам некоја ситуација за која жалам тогаш е во мечот со Чешка на моето последно ЕП во Хрватска кога имаше една ситуација во последните пет минути, промашив еден шут, за кој мислам дека можеби ќе сменеше нешто во крајниот исход. Најпогодок во кариера ми е голот во последната секунда против Елверум во баражот од квалификации за Лигата на шампионите со кој пласиравме во групната фаза.“

ГЕРМАНИЈА И ВЕЦЛАР БЕА ТОП ИЗБОР

Во февруари 2015, веднаш по СП, принудно, Филип Миркуловски ја започнува интернационалната кариера во Германија, со трансфер во Хановер, а потоа се сели во Вецлар, одлука за која вели дека се покажала како супер потег.

„Во тој период немав многу опции, неколку понуди од Германија и Франција, но за мене Бундеслигата е најсилна во Европа, како НБА во кошарка. Мислам дека нема играч во Европа кој не сака да игра во Бундеслигата, па и за мене единствена опција ако некогаш заминам од Металург, беше Германија. Тука играат најдобрите ракометари и предизвик е да се пробаш како играч. Хановер во тој момент имаше многу повредени играчи, па на моја среќа се случи трансферот. Имав добра полусезона, имав и опција да останам во Хановер уште една година, но се одлучив за Вецлар, што се покажа како супер потег. Таму влегов како замена за Ивано Балиќ и на почетокот ми беше многу чудно затоа што знаеме за каква легенда станува збор, но добро се изборив со тој притисок. Добро ме прифатија тука, а за тоа најголема заслуга има тренерот. Тој е Германец, но исто како да е од нашите простори, имаме исто разбирање за ракометот и тоа ми помогна лесно да се приспособам и на играта и на атмосферата во клубот. Тоа ми ја олесни многу задачата тука. Уште додека играв во Хановер многу се зборуваше за атмосферата која ја има Вецлар како клуб, со навивачи и топ-амбиен за игра и навистина е така. Жалам што пандемијата само ги искомплицира работите и сезонава се игра пред празни трибини, публиката многу значи за германските клубови. Две години во низа бев и капитен, но сезонава поради двојната функција решивме капитенската лента да ја препуштам на друг играч.“

Сезонава клубот одлучи Миркуловски да има функција и на играч и на тренер. Што работиш точно како тренер?

„Сето ова е ново за мене. Договорот беше помалку да играм, но тренерот не сака да се откаже од поискусните играчи и оваа сезона на терен сум со иста минутажа како лани ( се смее). Како тренер имам дополнителна улога во поставување на тактиката и видео-анализите. Исто така наутро работам индивидуални тренинзи со некои од бековите, шутерски или ’два на два’, со помала група играчи, тоа е различно.“

ДВОЈНА ФУНКЦИЈА ИЛИ КРАЈ НА КАРИЕРА!?

Бекот е дециден дека сака да остане во ракометот, но дали со ваквата двојна улога полека најавува крај на играчката кариера или ваквото темпо ќе потрае, засега е непознато. Делува расположен и отворен за сите опции.

„Ако сакам да останам во ракомет, најидеално е преку тренерска кариера, па затоа ќе се обидам да се фокусирам на тренерската работа. Претходно како играч не мислев многу на таа тема, затоа што според мене тренерската работа, особено во ракомет е многу тешка. Знаеме дека има само две силни лиги, Француската и Бундеслигата, другото останати се десет тима од Југоисточна Европа и тешко е да се пробиеш како тренер.Но убава шанса ми се овоможи во Вецлар, па ќе видиме што ќе биде. Што се однесува до крај на кариерата и тоа уште не се знае. Следната сезона ќе имаме нов тренер, но зборував и со него, и тој сака да имам двојна функција, да бидам и на терен и во соблекувалната со играчите, да тренирам за да бидам фит, ќе видам како ќе се одвиваат работите.“

Паралелно работи и на тренерска едукација.

„Активен сум и на таа тема. Во Германија слушав Модул 1, додека сега за време на пандемијата он-лајн го поминав и Модул 2. Ќе видиме дали ќе продолжам за мастер коуч годинава.“

Интересно е што Миркуловски е дипломиран правник на Правниот факултет во Скопје, а му недостасуваат уште четири испити за да ја заврши магистратурата на ФОН, но барем засега не би го сменил ракометот со правото.

„Малку го запоставив факултетот во последно време, но кога ќе имам повеќе простор ќе го завршам и тоа. Не би се откажал од ракометот, а од правото сум надвор веќе десет години. Ептен ако ни ми оди со тренерската кариера ќе пробам да се барам како правник“, се пошегува за крај Миркуловски.