Поранешен ракометар на Кил и светски првак стана тренер на Баер Леверкузен

Поранешниот ракометар на Кил, Јохан Петерсон, кој со репрезентацијата на Шведска на Светското првенство во 1999 година, како и на Европското првенство во 1998 и 2000 го освои златниот медал, во понатамошниот тек од сезоната ќе го води женскиот бундеслигаш Баер Леверкузен.

Раководството на Баер Леверкузен одлучи да го раскине договорот со Мартин Шварцвалд поради лошите резултати во домашниот шампионат. Од клубот се надеваат дека со ангажирањето на искусниот Петерсон, ракометарките на екипата ќе изборат опстанок во најсилното натпреварување во Германија.

„Поради развојот и резултатите во тековната сезона, дојдовме до решение дека на нашиот тим му треба нов импулс за да излезе од тешката ситуација и да избори опстанок“, изјави директорот на клубот, Ренате Волф за клупскиот сајт на Баер Леверкузен.

Јохан Петерсон во својата играчка кариера настапуваше во шампионатите на Германија и Шведска. Го носеше дресот на познати клубови како Кил, Хамбург, Кристијанштад, Алингас. Швеѓанецот има два сребрени медали од Олимписките игри во 1996 и 2000 година.