Репрезентацијата на Франција на Светското првенство во Шпанија ја запиша третата победа откако во дерби натпреварот во рамките од Групата А беше подобра од Црна Гора со 24:19.
Избраничките на Бојана Поповиќ во првите 30 минути на моменти имаа минимална предност. Предводени од Радичевиќ, Павичевиќ и Брновиќ, ракометарките на Црна Гора претставуваа вистинска закана за Французинките. На полувреме резултатот беше нерешен, 12:12, додека во второто полувреме, Франција најчесто одржуваше предност од два до три гола разлика и во ниту еден момент не дозволи промена на резултатот.
Во натпреварот за првото место од Групата Б, Русија немаше поголеми проблеми да дојде до триумф против Србија со резултат 32:22. Избраничките на Урош Брегар одиграа одлично до првата половина од првиот дел. Голем проблем за Србија беше црвениот картон на Марија Петровиќ поради груб прекршок, па така во останатите 50 минути играа без еден од столбовите во својата одбрана. Русија од 15. минута, па сѐ до самиот крај на првото полувреме не дозволи ни најмал отпор, направи одлична серија од 7:0 и на пауза замина со предност од 15:9.
Второто полувреме беше само формалност и шанса за ракометарките со помала минутажа. За неполни три минути од вториот дел, Русија го зголеми водството на 17:10. Србинките немаа никакви шанси за евентуален кам-бек и мораа да ја прифатат реалната ситуација на терен.
Еден од фаворитите за освојување на Светското првенство во Шпанија, Норвешка, повторно ја покажа својата моќ. Норвежанките имаа лесна задача против Романија и остварија победа која беше изразена со 11 гола разлика, 33:22.
Репрезентациите на Холандија и Шведска одиграа неизвесен натпревар до самиот крај. Големата борба помеѓу овие две репрезентации заврши без победник, 31:31.