Тимот на Младост Богданци успеа да слави во регионалниот двобој против Партизан Гевгелија по голема борба со 30-31. Иако беше ослабен со неиграњето на искусните Никола Роглев и суспендираниот Мите Караиванов, Младост освои три бода.
Домаќинот отвори со 6-4, па гостите со четири гола во серија поведоа со 6-8. Гевгеличани набрзина се вратија во игра и израмнија на 8-8. До крајот на полувремето се играше гол за гол, и на пауза се замина со резултат, 12-12.
Во домашниот состав се разиграа Димитар и Тодор Узунчеви, па Партизан се одлепи на плус четири, 24-20, а беше и 25-21. Сепак Младост не се предаваше, по 28-26 за домаќините направи пресврт со три гола во серија и поведе со 28-29.
Лисичков донесе реми, 29-29, а потоа двете екипи погодија уште по еднаш. Чрчев на минута до крајот реализираше со 30-31, а шутот на домашните го одбрани искусниот голман Паунков, кој не дозволи погодок за реми.
Најдобри стрелци кај Младост беа Митко Стоилов и Стојанче Наумовски со по девет гола, а кај Партизан се истакнаа Тодор и Димитар Узунчеви со десет, односно осум погодоци.