Во дерби натпреварот во рамките од Првата лига, Јуниор КВ успеа да го совлада Голден Арт со победа од 30:25. За ракометарите на Голден Арт денешниот пораз беше прв во новата сезона.
Ракометарите на Голден Арт со расположената бековска тројка во нападот, Илиев, Гајиќ и Миланов, во воведниот дел имаа водство од 2:0. Домаќините првиот гол го постигнаа преку Илиевски по пет минути игра. Со цврстата одбрана, избраниците на Никола Матлиески се одлепија на плус три разлика, 6:3.
Преку Даев и Илиев, Голден Арт по десетина минути игра ги постави највисоките плус пет, 9:4. Лошиот старт на ракометарите на Јуниор КВ беше причина Игор Котевски да побара тајм-аут. Неговите инструкции вродија со плод. Јуниор КВ по првата половина од првиот дел намали на минус два, 8:10, а по дваесетина минути стигна и до минус еден, 9:10.
Кризниот период на гостите се одрази врз резултатот кој даде голема надеж на домашната екипа за враќање во игра и резултатска неизвесност. При самиот финиш на првиот дел, Јуниор КВ конечно дојде до израмнување, 13:13. Откако резултатот беше 14:14, ракометарот на домашната екипа, Крстески ги постави конечните 15:14 на полувреме.
Јуниор КВ на стартот на второто полувреме дојде до два разлика, 16:14. Голден Арт со неколку технички грешки во нападите им овозможи на противничките ракометари да ја одржуваат предноста и да имаат целосна контрола на теренот. Со два гола во низа, гостите го израмнија резултатот на 18:18. Ракометарите на Голден Арт повторно дојдоа до минимална предност од 20:19, но домаќините не се предаваа, започнаа да играат поангажирано во своите напади, подобро во одбраната и со серија од 4:0 го презедоа водството за 23:20. Во последните десет минути, екипата на Котевски влезе со сигурна предност од 25:22. Голманот Виларов со неколку интервенции во моментите кога се кршеше резултатот беше херојот на неговата екипа и на гостите не му дозволуваше повторно камбек.
Поради трите исклучувања, ракометарот на Јуниор КВ, Ратко Димовски во 50. минута заработи црвен картон. Резултатот од 28:24 им овозможуваше на домаќините мирна завршница во последните три минути. До крајот немаше поголема промена, па така домаќините се израдуваа на осмата победа во новата сезона.
Најефикасни во победничката екипа со по шест погодоци беа Игор Илиевски, Дарио Симоноски и Горан Печенковски. Во Голден Арт се истакнаа Ивица Илиев и Симон Гучески со шест погодоци. На табелата Алкалоид е прв со 28 бода, Голден Арт има 25, додека Јуниор КВ е трет со 24 бодови.