Тимот на Драчево ја прослави шестата победа во Првата лига, откако на домашен терен беше подобар од Преспа со 34-26.
Иако според резултатот делува дека домаќинот апсолутно доминирал, не беше така на теренот. Ресенци, иако имаа само десет ракометари во ростерот во првиот дел му парираа на домаќинот и имаа негатива од два гола на паузата, 13-11.
Во второто полувреме гостите дури се доближија и на минус еден во два наврати, но по 22-20 за Драчево застанаа. Избраниците на Велимир Настески заиграа подобро во одбрана, ги казнуваа сите грешки на Преспа и набрзина се одлепија на предност од осум гола, 28-20.
Тука беше крајот на дилемите околу победникот на овој натпревар, па до крајот доашните само рутински ја одржуваа разликата до конечните 34-26.
Најдобри стрелци кај Драчево беа Филип Дабевски и Никита Стојановски со по осум погодоци, додека кај Преспа се истакна Били Мишевски со седум гола.