Раководството на шампионот на Германија, Кил одлучи на натпреварите во иднина гледачите да мораат да имаат маски за да можат да ги следат натпреварите.
Поради зголемениот број на позитивни случаи со Ковид 19 одлуката е гледачите да мораат да имаат ставено маска кога влагаат во салата. Исклучок е само за децата под три години, а маската ќе може да се отстрани само при пиење и јадење.
„Одлуката за враќање на условот за носење на маска е донесена на советот на медицинскиот оддел на Кил и е во тесна координација со Институтот за медицина на инфекции на Универзитетот „Кристијан Албрехт“ во Кил“, велат од клубот.
Инаку, ова правило за носење на маска за време на претстојот во салата се враќа на сила, а ќе биде применето веќе в четврток кога Кил го пречекува составот на Бергишер. Се однесува за средбите на кои Кил е домаќин.