Екипата на ПСЖ ја продолжи соработката со еден од најдобрите ракометари на сите времиња, Никола Карабатиќ. Со новиот договор тој ќе остане дел од тимот од Париз и во следните две години.
Карабатиќ има 37 години, а повеќе од една деценија е еден од најдобрите ракометари во светот. Дојде во ПСЖ во 2015 година од Барселона, но во последната сезона не беше многу на терен поради повреда. Сепак, поради сите игри од минатото и игрите кои ги прикажуваше новиот договор не беше доведен во прашање.
ПСЖ не сакаше да го пушти ветеранот во друга екипа со оглед на тоа што уште има што да покаже на теренот, а исто така уште може и да помага со своето искуство.
Карабатиќ ја почна својата кариера во Монпелје во 2000 година. Од 2005 до 2009 година играше во Кил, а потоа се врати во Монпелје и настапуваше до 2013 година. Тогаш се пресели во Барселона откаде во 2015 година дојде во ПСЖ. Со одработувањето на новиот договор ќе има цели осум години во ПСЖ што ќе биде негов најдолг период во еден тим во кариерата.
Досега трипати ја освојуваше титулата во Лигата на шампионите. Тоа го направи со Монпелје (2003), Кил (2007) и Барселона (2015). Со ПСЖ има едно второ место. Го загуби финалето против Вардар во 2017 година.