Машката репрезентација на Грузија ги започна подготовките за квалификациските натпревари за обезбедување место меѓу најдобрите репрезентации на Светското првенство 2023 година кое ќе се одржи во Полска и Шведска.
Репрезентативците на Грузија тренинзите ги започнаа во Букурешт. Таму ќе одиграат пријателски натпревар со репрезентацијата на Романија. Натпреварот против Романија е закажан за 2 ноември.
По кратката проверка на силите, селекцијата на Грузија ја очекува турнир со Финска, Велика Британија и Естонија. Двете најдобро пласирани селекции во групата ќе се пласираат во првиот бараж за СП.
Меѓу повиканите 16 играчи за пријателскиот натпревар со Романија, како и квалификациските средби, се најдоа четворицата ракометари кои играат за екипата на Прилеп – левото крило Хазеин Рустамов, голманот Зураб Цинцадзе, десното крило Реваз Чантурија и левиот бек Мириан Гавашелишвили. Списокот е надополнет со екс членовите на Пелистер и Струга, Темо Орјоникидзе и Гиорги Дикаминџија, како и поранешниот член на Металург, Иракли Кбилашвили.
Грузија првиот квалификациски натпревар ќе го одигра на 5 ноември против репрезентацијата на Финска.