Зарабец: Вардар е ТОП екипа, со Вујовиќ се на вистинскиот пат

Кил славеше во Скопје по голема борба во натпреварот од Лигата на шампионите со три разлика, 29-26.

Словенечкиот плејмејкер Миха Зарабец вели дека не било воопшто лесно да се игра во прекрасната атмосфера во „Јане Сандански“.

„Како и секогаш очекувавме тежок меч во Скопје, беше пеколна атмосфера. Секоја чест на навивачите. Ние одигравме лошо прво полувреме, Вардар беше подобар тогаш. Но во второто полувреме ја извлековме победата која е многу важна за нас. Излезе добро, одигравме паметно во нападот и направивме разлика. Вардар направи многу грешки во седум на ешст и тука го загубија мечот“, вели Зарабец.

Словенецот вели дека Кил не го покажал вистинското лице и дека може уште подобро да игра.

„Вардар е одлична екипа, играат активно во одбраната, ние паднавме во некоја дупка од која не можевме да излеземе. Технички грешки, лошии додавања, тие не казнија. Ако сакаш да победиш во Скопје мора да играш цел меч максимално. Во вториот дел игравме подобро, иако тоа не е нашиот вистински максимум“, продолжува Зарабец.

Зарабец вели дека Вардар е топ екипа, и дека местото на табелата не е показател за вистинските можности.

„Кога не оди, тешко е, но имаме играчи како Дувњак и Ландин, кои можат сами да решат натпревар. Тоа што го грешевме во првиот дел, го поправивме во вториот дел. Имаме повеќе натпревари, потешки наптревари од Вардар. Тие се топ екипа и мислам дека заслужуваат многу повеќе од моменталната ситуација и мислам дека со тренерот Вујовиќ ги очекуваат уште многу многу добри натпревари во иднина“, заврши Зарабец.

Следен предизвик за Вардар ќе биде гостувањето кај унгарскиот првак ПИК Сегед на 17 ноември по ЕХФ неделата.