Мешков Брест најде замена за Скубе, изборот падна на Кукиќ

Репрезентативецот на Србија и актуелен ракометар на Бенфика, Лазар Кукиќ од следната сезона ќе игра во дресот на шампионот на Белорусија, Мешков Брест, а оваа вест е веќе официјално потврдена од неговиот нов клуб.

Србинот со Мешков Брест се договори на тригодишна соработка и ќе има можност своите квалитети да ги покаже со настапи во Лигата на шампионите и СЕХА лигата. Неговиот договор ќе се активира од следното лето.

Средниот бек од Бенфика е првото засилување за Мешков Брест за следната сезона. На неговата позиција во Мешков Брест настапуваат тројца ракометари, Сташ Скубе, Јака Малус и Валентин Силко.

На крајот од оваа сезона, Сташ Скубе заминува во Келце, додека Малус и Силко се очекува да останат во екипата. Најверојатно, Кукиќ ќе биде прва опција во нападот на централната бековска позиција во Мешков Брест.

Репрезентативецот на Србија кој има 25 години ја почна кариерата во Партизан. Пред да направи трансфер во Бенфика, Кукиќ три сезони беше дел од Ла Риоха каде имаше забележителни настапи во Европскиот куп.