Почнува 49. Струшки турнир: Вардар и Еурофарм Пелистер во борба за 13. трофеј

Составите на Вардар и Еурофарм Пелистер од денеска до недела ќе имаат нова битка за меѓусебно надминување, а тоа ќе се случи на отвореното игралиште во Струга „Горан Попоски Бабец“ каде стартува 49. издание на Струшкиот турнир.

И годинава исто како и лани ќе учествуваат само екипи од домашна сцена, а станува збор за состави кои се натпреваруваат во Супер машката лига.

Годинава има шест учесници кои се поделени во две групи. Турнирот го отвораат домаќинот Струга и Вардар, кој исто како и Еурофарм Пелистер досега има 12 трофеи на ова натпреварување. Во оваа група е и составот на Бутел Скопје.

Во другата група каде што е Еурофарм Пелистер кој исто како и Вардар има 12 трофеи се наоѓаат составите на Металург и Тиквеш.

Денеска, утре и в сабота ќе има по две средби дневно, додека в недела се играат натпреварите за пласман.