Црногорскиот шампион Будуќност пред стартот на подготовките за новата сезона промовираше ново засилување во своите редови.
Нова ракометарка во екипата предводена од Бојана Поповиќ е младинската репрезентативка на Хрватска, Бруна Зрниќ. Младата и перспективна ракометарка игра на позиција десно крило и во Будуќност ќе пристигне од Подравка Вегета.
Освен за Подравка, Зрниќ настапуваше и за Локомотива Загреб. Таа беше дел од идеалниот тим на последното Европско првенство за младинки што се играше минатата недела во Словенија.
Бруна е ќерка на легендарниот хрватски репрезентативец Ведран Зрниќ, кој исто така играше на позицијата десно крило.
Претходно, Будуќност се засили со Ивана Митровиќ и Илда Кепиќ, додека договорите ги продолжија двете црногорски репрезентативки, Ивона Павичевиќ и Николина Вукчевиќ, како и интернационалката од Франција, Армел Антигре.