Откако првопласираните три екипи Вардар, Еурофарм Пелистер и Пролет обезбедија места за настап во европските купови, за четвртото место и пласман во Лигата на Европа во директен дуел се бореа Металург и Бутел Скопје. На натпреварот одигран во Автокоманда поуспешна беше екипата на Металург со 36:35.
Натпреварот од 13. претпоследно коло кој беше од големо значење за двата тима гостите го започнаа подобро и отворија со 3:0. Металург имаше одговор на силниот почеток на Бутел и возврати со серија од три гола за израмнување. Во продолжението најчесто беше нерешено без поголемо водство на едната или другата екипа.
Сепак финишот на првиот дел им припадна на домаќините, Металург влезе во добар ритам и го контролираше резултатот. Предводен од Хорват и Серафимов успеа да обезбеди добра предност после првите 30 минути. Домашниот тим на паузата имаше предност од 17:13.
Добрата игра на избраниците на Иван Марковски продолжи и на почетокот на вториот дел кога Металург стигна до највисокото водство од 20:14. Оваа предност се покажа како доволна до крај за конечен триумф. Во вториот дел се разигра Калуѓеровиќ кој беше многу ефикасен и еден од најзаслужните за победата.
Во финишот Бутел Скопје се обиде да стори нешто повеќе со пресинг, но беше предоцна и мораше да се помири со пораз, кој може да го доведе во прашање и 5. место на табелата.
Најефикасни во тимот на Металург беа Хорват и Калуѓеровиќ со по десет гола, а Серафимов постигна седум. Во составот на Бутел Скопје најрасположен беше Златко Мојсоски со девет погодоци.